239536228 4667966896560733 6302429399374469190 n - Промовиран „Зборникот на песни од прилепски автори“

Промовиран „Зборникот на песни од прилепски автори“

По повод 75-годишниот јубилеј на Градската библиотека „Борка Талески“, денеска е промовиран „Зборник на песни од прилепски автори“ во издание на установата. Зборникот содржи 68 песни од 45 поети од општинава и е рефлексија на актуелниот поетски потенцијал во овој миг. Кориците на Зборникот се дизајнирани со фотографија од акварел на нашиот сограѓанин, уметникот Илија Миноски, мотив од старата прилепската чаршија од 20 век. Според директорката, Моника Талеска, со оваа збирка, која што ќе ја збогати роднокрајната поставка, библиотеката ја демонстрира својата отворена поддршка кон талентираните автори од градот, а при тоа ја изразува својата почит кон уметникот Илија Миноски, (1936-2020).

-Оваа збирка поезија ќе ја збогати роднокрајната поставка на нашата установа, а години потоа ќе биде потврда за креативниот потенцијал, за културниот поетски изблик, доказ дека на нашите простори опстојува и се негува со особен акцент творештвото на роднокрајните автори. Инспирацијата на авторите, пак, говори за содржината на животот на овој наш колективитет, за нашите падови и подеми, за нашите таги и радости и неизоставно за нашите стремежи. Особено ми е драго што најголем дел автори се членови на Клубот на литературни творци од Прилеп, којшто години реализира своја богата агенда, давајќи придонес во збогатување на роднокрајното и македонско творештво, истакна Талеска.

Градоначалникот Илија Јованоски, честитајќи им го издавањето на Зборникот на Библиотеката и авторите, рече дека токму градот под Марковите кули гордо го носи епитетот „Мала Фиренца“, бидејќи е град на културата и уметничките вредности, на истакнати културни дејци.

-Во овој град, на оваа почва се раѓале уметници, се раѓале интелектуалци, врвни професионалци. Овде се родени втемелувачите на македонскиот јазик, уметност и култура. Овој настан е можност да ја искажам огромната почит кон ликот и делото на нашиот современик, врвниот акварелист, Илија Миноски – Мината, уметникот којшто со четка и боја ги сликаше убавините на природата, каменот, на нашето опкружување, ја доловуваше во целиот свој раскош прилепската уникатна архитектура. Целото творештво на Миноски до неговото заминување, минатата година, е впрочем посветено на Прилеп, истакна во своето обраќање градоначалникот Јованоски.

„Зборникот на песни од прилепските автори“ е прва книга од едицијата на ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ насловена како „Роднокрајно творештво“. Оваа публикација го отсликува актуелниот миг на поетскиот потенцијал на Прилеп. Книжевната вредност на песните ја оцени комисјата, во чиј состав се поетесата Сузана Ѓорѓиевска и професорите по македонски јазик, Сузана Николоска и Дарко Ристески.

Стихови од песните од сите автори, читаше Димитар Црцороски, актер од театарот „Војдан Чернодрински“.

За делото на уметникот Миноски, за неговиот придонес во македонската ликовна уметност, во рамките на овој Зборник е публикуван осврт од академскиот скулптор Марјан Стојаноски.