„Со љубов и книга за старите лица“

Нашата Библиотека денеска подари 14 пакети со книги, меѓу нив и литература од сопствената издавачка дејност на домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“ во Прилеп.

-Целта на оваа наша активност планирана уште во текот на минатата година е да им го подобриме животот на штитениците и станарите на домот, на граѓаните во трето доба. Книгите не се за да се чуваат на полиците и да собираат прав, туку да бидат во рацете на читателот. Со директорот на домот, Мики Крстев, разговаравме во повеќе наврати минатата година, но пандемијата не спречи во намерите и желбите, вели Моника Талеска, директор на библиотеката.

Настанот се одржа во уредениот двор од домот, каде што за станарите на домот читаа поезија од домашни автори: директорката Талеска, директорот на домот Крстев и Звонко Димоски како претставник од граѓанското здружение Лаг Арго Лидер. Оваа граѓанска организација хортикултурно го уреди дворот на домот.

Идејата на библиотеката е на станарите и штитениците да им се доближат делата на македонските, коишто во исто време се и роднокрајни автори: Марко Цепенков, Стале Попов, Блаже Конески, Коле Чашуле и други.

-Грижата за граѓаните од трето доба треба да биде императив на нашата заедница пошироко. Колку посензибилизирани, похумани сограѓани, толку попријатна атмосфера за станарите во оваа установа, која што во последниве 4 години, значително ги подобри условите за живот и работа. Ке снимиме аудио записи од расказите, кои што станарите ќе може да ги слушаат во домот во определен дел од денот, да се присетат на нивната младост, на годините кога го живееле животот со полнеж. Оваа наша идеја е поддржана колку од домот, толку и од граѓанската организација Лаг Агро Лидер, додава Талеска.

Директорот на домот, Крстев рече дека соработката со Библиотеката ќе продолжи во насока на збогатување на активностите и подобрување на условите за престој, за живот на граѓаните кои што го избрале прилепскиот дом, за установа во која ќе ги минуваат доцните години од својот живот.

Во продолжение ви презентираме линк од видео запис од настанот, објавен на порталот Инфокомпас.