„Еден текст и една жена“

Авторката Оливера Ќорвезироска во оваа книга, како што вели критичарот. Владимир Мартиновски потврдува „дека е возможно да се спојат добар читател и добар писател во една личност.

Снајперски прецизните поенти и согледби, втемелени врз проникливите читања на рецентни (скорешни) книжевни дела со кои писателката развила читателски љубовни врски, се најавени уште во насловот на книгата. Благодарение на Оливера Ќорвезироска секој толкуван книжевен текст во оваа книга, добива живи и љуцидни, љубовно-критички интерпретации низ призмата на „една жена“. Иако станува збор за критичко-есеистичка книга Ќорвезироска успеала да напише „Книга со срце“. Љубовта кон Текстот е двојно кодирана: како кон Текстот за кој се пишува, така и кон Текстот што притоа се испишува. Оваа книга е истовремено силен демант на честата теза за „смртта на книжевната критика“ во нашиот книжевен контекст.

Лидија Димовска во својот осврт кон овој труд на Ќорвезироска ќе напише:
-Во состојба на замирање на книжевната критика која претставува прекршено огледало за книжевните дела и нивен апсолутен евалватор и канонизатор, еве авторка која и покрај сопственото раскажувачко творештво несебично им се посветува и на своите современици. Кога ги читаме критичките текстови на Оливера Ќорвезироска полни со издржани ставови, со свест и одговорност за критичко вреднување, со поставување на делата во вистински книжевен и културен контекст, текстови напишани на чист и убав јазик, посакуваме да ги прочитаме и делата за кои зборува, но, исто така денес, речиси секој автор/авторка посакува за неговото/нејзиното дело да се произнесе токму Оливера Ќорвезироска.