Авторката Рута Шепетис во романот со наслов „Солта во морето“ плете приказна која што почнува кон крајот на Втората светска војна, кога илјадници бегалци, очајнички тргнуваат кон прегратките на слободата. Многумина од нив се со скриени тајни. Меѓу бројните се: Јоана, Емилија и Флоријан чии патишта се вкрстуваат на пат кон „Вилхелм Густлов“, бродот кој ветува спас. Соединети од стегите на околностите, тројцата млади црпат сила и храброст еден од друг, но меѓусебната доверба ја тестира секој следен чекор на пат кон безбедноста.
И токму кога им се чини дека слободата е на дофат на нивните раце, доаѓа до незамислива трагедија Преоптоварениот брод, наменет за 1.800 патници, а натоварен со преку 10.000 луѓе, почнува да тоне и сите тие, возрасни и деца, богати и сиромашни, мораат да се борат за да преживеат, да се борат за своите животи.
Раскажан од различни перспективи, овој трогателен роман е инспириран од вистинска трагедија.
Авторката Шепетис открива жртви на страшната војна за кои знаат неверојатно мал број луѓе, при тоа таа докажува дека хуманоста и љубовта можат да победат дури и во најмрачните животни околности.