СООПШТЕНИЕ

Почитувани читатели,

Како што впрочем знаете, пандемијата предизвикана од корона вирусот, се рефлектираше и врз работата на ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“-Прилеп, како и врз другите установи кои извршуваат иста дејност.

Прекинот во редовното извршување на работните обврски, како последица на опасноста од „Ковид-19“ ја оневозможи нашата долгогодишна дружба. Сепак се обидуваме преку фан страницата на Фејсбук од време на време да го привлечеме вашето внимание, со одредени содржини, кои што не може да бидат адекватна замена за востановените навики и потреби од редовна духовна храна, културна надградба, жед за нови знаења, уживање во магијата што ја крие секој роман, новела, секое дело, што грижливо го чуваме на нашите полици, а е наменето за вас.

Имајќи го во вид вашиот постојат интерес за денот кога библиотеката ќе биде повторно отворена, овој пат сакаме да ве известиме, дека во тек се подготовки за почеток со работа во нови услови, според нови правила, со повисоки хигиенски стандарди и обезбеден карантин за книгите кои ќе се враќаат во библиотеката. Се разбира дека за сите новини дополнително ќе ве известиме, како и за денот кога продолжуваме со работа!

До тогаш имајте убави мигови, исполнети со љубов, радости, со насмевки и среќа, со спокој.

Најубави желби за сите!