Промоција на книгата „Радио“ од Љупчо Јолевски

Книгата „Радио“ чиј автор е исклучителниот познавач на македонската култура, новинарот Љупчо Јолевски е промовирана во Прилеп, на мала сцена, пред влезот на ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ – организатор на овој настан.

Чест ни беше што бевме домаќини на едно толку убаво дружење!

Авторот Љупчо Јолевски

„Радио“ на повеќе од 730 страници со речиси толку фотографии – илустрации, низ селективниот субјективен избор на текстови на новинарот Јолевски пишувани и објавени на Радио Слободна Европа – програма на македонски јазик нуди слика за македонската култура во изминатава половина декада.
Авторот во неколку целини – музика, литература, ликовна уметност, филм, театар, уметничка фотографија, преку информации, најави, разговори, интервјуа, рецензии ги пренесува ставовите на уметниците и творците како: Весна Гиновска Илкова, Благој Нацовски, Милена Арсовска, Никола Коџабашија, Оливер Белопета, Влатко Стефановски, ЉУБОЈНА, Зоран Маџиров, Драган Даутовски, СЕТСТАТ, Никола Маџиров, Оливера Ќорвезировска, Владимир Мартиновски, Нела Витошевиќ, Игор Трпчевски, Иван Поповски, Ване Костуранов, Роберт Дандаров, Синиша Кашавелски, Касиопеја Наумовска, Шќипе Мехмети, Феми Кути … и така со ред.

Настан за паметење

Гости на промоцијата беа: Добрила Грашеска и Дориан Јовановиќ со извонреден музички настан од нивен нов проект, актерката Даниела Иваноска, Јордан Костов и Дејан Спасовиќ, а водител на ова прекраснослучување, актерот Игор Трпчевски.

Добрила и Дориан со свои изведби ја збогатија промоцијата

Рецензентите за „Радио“

Марко Коловски, музиколог и уредник во Македонско радио:

„За мене беше речиси неверојатно да се помисли (или посака, како сакате), во една книга, меѓу две корици, да се претстави македонската уметност и култура во нејзиниот тотал, во нејзината интегрална форма. Па дури и да се работи во некаква релативно кратка временска отсечка. Да речеме, некои пет-шест години. Тоа беше „невозможен потфат“ за моите сфаќања. И сѐ уште, во извесна смисла ќе остане така. Во извесна – затоа што во меѓувреме имав можност, барем накусо „да ја допрам“ обемната книга со едноставен наслов – „Радио“, од авторот Љупчо Јолевски да ја прелистам бегло и да заклучам дека понекогаш и навидум невозможното станува возможно.
Не се тоа класични портрети на авторите што ги оставиле своите траги врз „кожата“ на македонската култура во последнава – помалку од една деценија. Тоа се разговори со повод: некогаш планиран концерт, друг пат – издадена книга, трет пат изведена театарска претстава, изложба, доделено признание. Но, внимателниот и промислен избор од настаните што ја одбележале македонската културна сцена во изминатите неколку години, „дозираните“ прашања низ кои се расветлува и настанот, но и личноста која го реализира, суптилните воведи и давањето на авторскиот контекст од кој извираат тие важни проекти, на крајот прават книгата да биде вистински пресек на македонската духовна култура во периодот кој го покрива. И да ни овозможи, читајќи ја, во една кондензирана форма (ако може така да се нарече книга од речиси 800 страници, – а може!), низ стотина „дестилирни секвенци“, во еден здив да ги проследиме духовните вибрации што извирале од овие простори. И од кои некои се разлевале низ светот.
Јас имам и посебна причина да бидам среќен со појавата на ова издание. Како музиколог, односно како човек кој што постојано се занимава со истражување на македонската музичка култура, особено современата, – среќен сум што во неа наоѓам текстови за десетици македонски музички уметници, творци, истакнати личности, и што низ нив пронаоѓам и дополнувања и дообјаснувања на моите музиколошки согледби. Среќен сум, се разбира, и заради фактот што Љупчо Јолевски своите први (и секогаш – најважни) новинарски чекори ги направи во мојата сѐ уште матична куќа – Македонската радио телевизија, некаде во времето кога и јас тука почнував да го учам занаетот од големите бардови на македонското новинарство. И насетувам дека насловот е поврзан токму со радиото. Македонското, во кое започна, или „Слободна Европа“ – за кое се реализирани овие текстови. И дека тоа е своевиден обид „етерот да не биде ветер“, ами да остане во „цврста форма“.

Публиката уживаше во несекојдневната промоција

Елизабета Баковска, поет и летаратурен критичар:

„Не е претерано да се каже дека оваа книга на Љупчо е искучително значајна за тековниот македонски општествен миг на повеќе нивоа. Од една страна, таа е скапоцена архивска граѓа со која се забележуваат развојот и трендовите во современата македонска култура. Ова е особено важно бидејќи од нашиот медиумски простор во последнава деценија неповратно и без трага исчезнаа повеќе печатени и електронски медими, а со нив и редица вредни текстови од областа на културата. Затоа, книгите како оваа на Љупчо или оние на неговите колеги Тони Димков, Катерина Богоева, Ивана Тасев, Ана Јовковска (овие двете последни се и застапени во книгава) се суштински важни за зачувување на културната меморија. Од друга страна, оваа книга функционира и како прирачник со примери за тоа како може и како треба да се напише еден новинарски текст на тема култура: на пример, како може да се зборува за актуелни настани во момент кога „дојдовме до тоа сѐ да е политичко“, како што велат од Бернајс Пропаганда. Или, како со една поетска реченица може да се опише она што го работеше Зоран Маџиров – „тој ја најде музиката онаму каде што пред него никој не се обиде да ја побара“.

Актерката Даниела Иваноска со својот настап внесе уште поголема свежина


Меѓутоа, можеби најважната лекција што Љупчо ни ја дава овде е дека ниеден новинар не е преголем џомба за ниеден културен настан. Овој искусен, начитан и прошетан новинар културата ја покрива без комплекси — иако музиката секако му е најголемата љубов, книгата изобилува со текстови и за ликовната уметност и за книжевноста и за театарот и филмот.“

Авторот Јолевски – раритетен новинар со филигрантски дискурс

Авторот Љупчо Јолевски за своето дело, ќе рече:

„Книгата „Радио“ е некаков сублимат на мојата новинарска работа во изминатава половина декада со избор на прилози односно текстови што биле објавени за Радио Слободна Европа.
Тој избор е ваков, а можеше и да биде многу поинаков. Со некои други творци или со истите со нови заложби и проекти. Сепак една е мислата: белким вака токму овде и сега кога културата е речиси набркана од медиумите да се понуди барем ронка од она со кое треба само да се гордееме. Со нашите културни вишнеења кои говорат многу, неизмерно многу повеќе од сите празни зборови на политичарите кои одамна безобзирно им го „украдоа шоуто на уметниците и ги дотераа до питачки стап“. Ги направија поданици на сопствената безобзирност свесни дека не им се рамни до глуждови
Затоа во ова „Радио“ ги нема политичките пајаци и нивните „итроштини“. Овде нема лажни и гнасни вести. Овде етерот е резервиран за творците. За творештвото. За вистинските вредности. За сите нас кои веруваме, можеби и наивно, дека убавината може да го спаси светот или можеби од нас да направи подобри луѓе.“

Биографија:

Како новинар, водител и уредник Љупчо Јолевски во новинарството е скоро четири децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Бил соработник на белградските магазини Рок и Време, а потем долги години бил во Радио Телевизија Скопје и во Македонското радио – Втора програма. Паралелно четири години бил уредник на Музичкото радио Канал 103, а соработувал и со изданијата на Детска радост, ревијата Екран и весникот Нова Македонија. Од крајот на 1990-те извесно време бил новинар во Телевизија Скопје и во магазинот Старт, потем уредник во дневните весници Дневник, Време и Нова Македонија, соработник на интернет порталот Блесок, на Југословенската и Екс. Југословенската рок енциклопедија, на Светската и на Европската музичка енциклопедија и безмалку цела една декада автор и водител на музичката емисија Скопје – Париз – Тексас на Радио Равел. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.