„Односите со јавноста, социјалните медиуми и јавното мислење“ е насловот на магистерскиот труд на авторката Каролина Мицевска, професионален новинар, вработена во центарот за култура „Марко Цепенков“, задолжена за односите со јавноста, а редовен дописник на дневникот „Нова Македонија“.

Магистерскиот труд на авторката според рецензентот д-р Андон Мајхошев, вонреден професор на штипскиот универзитет ја збогатува македонската научна понуда во областа на односите со јавноста, која што не изобилува со трудови на оваа тема, задолжителна во маркетиншката стратегија на секоја компанија, но и секоја институција во јавниот сектор. Ова особено во последните две децении, кога интернетот е составен дел од функционирањето на сите правни субјекти, компании, но и во животот на граѓаните, како релевантни реципиенти во практицирањето и ефектуирањето на квалитетна стратегија – стратегиски комуникации со односите со јавноста, социјалните медиуми како значајни алки во процесот на обликување на јавното мислење.

-Спроведеното истражување покажа дека односи со јавноста се исклучително важни и заначајни. Организациите, компаниите, фирмите, институциите од јавен, научен и образовен сектор сметаат дека преку односите со јавноста можат полесно да стигнат до секој сегмент на општеството. Оттаму субјектите кои што внимаваат на својот имиџ, посветуваат поголемо внимание на практикувањето на односите со јавноста за остварување на својата визија, мисија и стратешка цел, со тоа полесно се влијае врз јавното мислење, – рече
д-р Андон Мајхошев, вонреден професор на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“.

Авторката Мицевска најави дека овој труд иако прв, нема да биде последен.
-Благодарам што покажавте интерес за овој магистерски труд, кој што верувам ќе најде своја широка примена и во практиката. Во оваа пригода да најавам дека веќе работам на ново дело, кое што ќе понуди слика на прилепското новинарство, новинари и медиуми, низ мојата призма, рече Мицевска.
Модератор на промоцијата беше новинарката, д-р Душица Неделкоска, ПР на прехранбената индустрија „Витаминка“ од Прилеп.

-Особено задоволство ми е што, вечерва сум домаќин на овој настан, чиј автор е колешката Каролина Мицевска. За делото зборуваа рецензентите, но, јас сакам да потенцирам дека Каролина не е само одличен автор и моја колешка и според магистерскиот труд, туку таа е и прекрасен човек и другар. Затоа особено ми е драго, што таа токму мене ми ја довери оваа задача, вечерва, рече Неделкоска.
Издавач на книгата е печатницата „АЦЕТОНИ“ од Прилеп, а делото е финансирано со средства од Министерството за култура.
Авторката Мицевска досега реализирала и повеќе самостојни изложи на фотографии, а учествувала и во групни изложби во земјава и странство.
