Честитка по повод 75 годишнината на ЈОУ ГБ „Борка Талески“- Прилеп

Почитувани, драги наши читатели,

Од името на сите вработени во установата изразувам искрена и топла благодарност за довербата што ни ја давате како установа сите изминати години. Без вас и вашата поддршка чекорот на установата ќе беше поспор и понесигурен. Вие сте поттикот, вие сте, ветерот во грбот на сите нас, вработените.

Постоиме за вас, и се трудиме секој ден да го дадеме најдоброто од нас, за да одговориме на обврската, во негување и чување на со децении создаваното, со љубов и почит културно наследство, кое ни припаѓа на сите.

И во овие тешки времиња се обидуваме да одговориме максимално професионално на предизвикот наречен пандемија „ковид-19“. Зашто Библиотеката е ваш дом, храм на културата и информацијата, и така ќе остане. Овие кризни денови нека останат како предизвик на времето што ќе го паметиме, заедно, за да низ годините потоа сочуваме искуство и мудрост повеќе.

Вие сте читачка публика за почит. И пред пандемијата и денес, вашата љубов и почит за книжевноста и литературата не изостана. Тоа е потврда дека Прилеп е град на граѓани кои знаат и умеат, кои живеат со книгата!

Почитувани, драги колеги,

Чествувајќи го јубилејот 75 години, заедно, ги чествуваме придобивките од влогот на генерациите пред нас, во основање, изградба и развој на оваа установа! Секој вработен со својот труд и посветеност, ја градел установата, придонел да биде ова, што е денес.

Затоа чествувајте и не заборавајте дека овој ден им припаѓа, колку на библиотекарите кои посветено и грижливо ја издаваат, чуваат, обработуваат и презентираат публикацијата, создавајќи нови вредности, толку на колегите кои се грижеле и грижат за нејзината безбедност, за хигиената во установата и книгите, оние кои секој ден ја носат поштата, ги носат весниците за да бидат ставени во функција на сегашните и идни генерации, оние кои ги вкоричуваат оштетните книги, ден на сите вработени во администрацијата, каде грижливо се води сметка за секој потрошен денар, за набавки на се што е неопходно за установата …

Секоја установа е еден организам, а организмот здраво функционира само доколку сите органи се здрави и способни да ја извршуваат својата функција. Оттука, без поединечни глорифицирања, со респект за сите, да продолжиме натаму, по чекорите што ги трасирале генерациите пред нас, за да го исчистиме патот на генерациите по нас!

Секој вработен е само алка во синџирот, но и скапоцен бисер во ѓерданот, кој ќе блесне само доколу го чуваме сјајот на секое делче!За да ги надминеме овие тешки времиња на соочување со пандемијата, да продолжиме со стабилен и смирен чекор напред кон нови успеси!

Честит јубилеј и нека продолжи позитивниот, ведар дух меѓу вработените како досега!

Директор

Моника Талеска