Денеска се навршуваат 27 години од смртта на Блаже Конески (1921-1993)

На денешен ден во 1993 година во Скопје почина Блаже Конески. Македонски врвен културен работник. Еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик. Академик, културен историчар, професор на Филолошкиот факултет во Скопје, филолог, лингвист, поет, прозаист, есеист. Роден во селото Небрегово во близина на Прилеп на 19 декември 1921 година.

Образованиетo го започнал во Небрегово, а потоа кога семејството се преселило во Прилеп, овде завршил нижа гимназија. Како одличен ученик добил стипендија, па заминал во Крагуевац, каде што завршил виша гимназија. Потоа се запишал на Медицинскиот факултет во Белград, но по првиот семестар запишал студии по филологија. Студиите ги продолжил и на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“.

По ослободувањето Конески сериозно се посветил на стандардизацијата на македонскиот јазик. Ја изработил граматиката, го подготвил правописот на македонскиот литературен јазик, а бил уредник и на „Речникот на македонски јазик“.Конески е основач на студиите по македонистика на универзитетот во Скопје, „Св. Кирил и Методиј“. Бил член, а во еден период и претседател на МАНУ, член на македонскиот ПЕН центар, еден од основачите на Друштвото на писатели на Македонија.

Тој е добитник на многу домашни и меѓународни награди. Неговите дела се преведени на многу јазици. Со својата дејност извршил силно влијание врз културно – општествената заедница во Македонија и многу пошироко. Бил член на академиите на науките и уметностите во Загреб, Белград, Сараево, Чикаго, Лоѓ.

Неговата родна куќа во с. Небрегово денеска е музеј. Еден од најпосетуваните.Доаѓаат ученици од сите краеви на Македонија, домашни и меѓународни лингвисти, и многу почитувачи на неговото дело. Овој музеј, што го носи неговото име, во текот на годината е средиште на одредени културни случувања, пренесувајќи ја пораката дека делото на Блаже Конески и децении по неговата смрт живее и ќе живее.

Следната година се навршуваат 100 години од неговото раѓање.

Во продолжение извадок од неговата поезија, која била мотив за македонскиот композитор и пејач, Славе Димитров да го напише аранжманот. Песната „Нежност“, што Димитров ја испеа на фестивалот „Скопје“во 1974. Децении подоцна оваа антологиска песна се слуша и пее со многу љубов меѓу сите генерации.

Вечна слава и почит за џинот од Небрегово, нашиот современик Блаже Конески!

НЕЖНОСТ

Ти само, што ми идеш на сон,

Од денот – в предел темно-мрежен,

Ти една само можеш да кажеш,

Колку сум тих и дури нежен.

Не! Силен, сепак сум се клонел

на власта своја да се решам,

Да не би да ме намразиш трајно,

Да не ми идеш, ако ти згрешам.

Иако сонот ми дал право,

Да сложам сенка на секое чело,

Искрено кажи, дали сум те навредил,

Еднаш со какво дело.

Фото: ako.mk