Borka Taleski - Срцето на Борка Талески

Срцето на Борка Талески

Во месецот за присет на кодификаторот на современиот македонски литературен јазик, академик Блаже Конески ( 1921-1993) ја издвојуваме песната посветена на нашиот патрон, Борка Талески (1921-1942) кој што на 5 јули 1951 година е одликуван со орден Народен Херој.

Срцето на Борка Талески

Никој не зборнал уште со темна сила

во гласот за тебе што млад и огорчен падна.

Како случка да било, како да не бил прозорлив часот,

твој смртен. Прости за делничната рамнодушност ладна!

Ние што те паметиме и во кои

дел барем, во свеста од твојата душа пали

и не двои, толку сме веќе испоснети зарем

и толку ли сме, во ситни грижи мали?

Нека се дума, кај Тројаци, оној миг

кога нишан од срцето на Борка земаше една пушка

и оној вик, нагол и раздирлив, иако нагло стишен,

кога пред падот се крева рака и телото се лушка!

Тој вик беше еден врвен проглас

од сета врст наша, што предодреден го прати,

и кој го разбрал секогаш ќе се праша

во животот со што да се врати.

Тој падна за да останат во најчиста мера

за века од ништо непоматени веќе,

еден завет и вера на младост што пека

за простори, и мирба со гнасата што нејќе.