Ин мемориам

Почина Тачко  Локвенец (1942-2021) еден од најреномираните македонски новинари, наш сограѓанин, културен деец, почитувач на еснафот и чаршијата.

Заминувањето на Тачко Локвенец е неповратна загуба за новинарството, за општествениот живот во градот.  Локвенец беше потврден не само во новинарството, како дел од редакцијата, а потоа и дописник на дневниот весник „Нова Македонија“, „Вечер“, „Остен“, локалниот неделник „Народен глас“, коосновач, а потоа и сопственик на магазинот „Порта“, но и како книжевник.

Роднокрајната поставка на градската Библиотека грижливо ги чува неговите дела: Судница-лудница“, „Вест и власт“, „Дабница“, „Љубовни легенди“, монографијата посветена на 60-годишнината од основањето на компанијата „Витаминка“… Неуморно до последен здив твореше, создавајќи го новото дело, кое требаше да биде реален пресек на предизвиците на македонското новинарство од периодот на осамостојувањето на државата до денес.

Тачко  Локвенец, беше исклучителен познавач на класиците во книжевноста, вљубеник во поезијата на светски реномираните поети, почитувач на се што е позитивно, добро, особено почитувач на позитивните процеси кои ја движат државата и градот кон прогрес.

Локвенец како исклучителен интелектуалец, во својот фокус го ставаше секогаш обичниот човек. Беше вљубен во Прилеп, прилепското, врзан за корените овде, та и тогаш кога му понудиле да живее и твори во странство, го избрал родниот град.

„Во Прилеп се моите кореници, моите предци, овде е моето семејство, моите внуци…Се радувам на нивните успеси и напредок, но, сакам сите млади луѓе, успешни и талентирани да вложуваат овде, во нашиот град. Да се создаваат услови, младите овде да ги уживаат придобивките на развиените земји во светот“, ќе рече во една прилика, не така одмна Локвенец.

Денеска Прилеп загуби новинар , книжевник, граѓанин за пример!

Нека почива во мир и вечна слава!

Со огромна благодарност за долгогодишната и плодна соработка, вработените во ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“-Прилеп!