Почит кон ликот и делото на Борка Талески (1921-1942)

Автор: Каролина Крстеска – виш библиотекар

Борка Талески или познат под прекарите ,,Црниот” или ,,Модерното” е македонски комунист, револуционер, партизан, борец во НОБ и народен херој на Југославија од Македонија. Тој е непосреден организатор на востанието против фашистичкиот окупатор започнато на 11 октомври 1941 година во Прилеп.

Борка Талески е роден  на 19 јули 1921 година во Прилеп, на верскиот празник „Петровден“ во семејството на Спасија и Петре Талески. Дедо му Тале бил фурнаџија. Семејството на Борка Талески било скромно, но не се сметало за сиромашно за тој временски период. Основното образование го започнал во родниот град и бил одличен ученик. Своето средно образование го продолжил во гимназијата во Прилеп, но кога стасал петти клас, гимназијата била укината и Борка морал да го заврши средното образование во Битола. За време на училишните денови станал голем љубител на белетристиката, а подоцна и на марксистичката литература.

При крајот на средното образование тој почнал и сам да пишува одредени текстови, па така во 1938 година бил соработник на списанието ,,Подмладак” од Крагуевац. Уште од првиот број на списанието во ноември 1938 година, Борка е еден од осумте автори, чии текстови биле објавени на 24 страници. Како дописник од Битола тој се јавил со текстот под наслов ,,Влијанието на географските фактори врз формирањето на културата”, и тука го применил дијалектичко-материјалистичкиот пристап.

Пишувал под псевдонимот ,,Борислав Телевиќ”, во период кога имал само 17 години, а прикажал големо знаење и вештини за пишување.

Со одличен успех го завршил средното образование и по желба на домашните  се запишал на Медицински факултет во Белград во 1939 година. Во периодот кога се запишал на факултет, во ек било револуционерното движење. Борка Талески веднаш се приклучил. Иако немал желба да се истакнува, сепак бил забележан од потесното организациско тело. Бил перцепиран како храбар и одлучен, вешт оратор и со силно развиено чувство за колективен живот. Поради своите карактеристики, вештини и посветеност, тој бил примен како член во Комунистичката партија на Југославија. Меѓу првите задачи кои ги добил било раководење со групите за теоретско образование. Паралелно учествувал на сите демонстрации организирани во Белград, а покажал и организациски способности.

За време на летните и зимските одмори, Борка држел состаноци и курсеви во Прилеп. Држел комунистички и работни состаноци, а пишувал и летоци.

Во 1940 година после масовниот излет во месноста Шаторов  Камен, во Прилеп се одржала големата Илинденска демонстарција. Борка Талески бил првиот говорник пред масовниот собир. Тој  зборувал за независноста и самобитноста  на македонскиот народ и држава, за значењето на Илинденското востание.

Од Прилеп се вратил во Белград. Поради неговите јавни говори за самобитност на македонскиот народ и  држава,во Белград  бил уапсен од тогашните  власти. Останал во затвор неколку месеци. Првин во затворот на Ада Циганлија во Белград, а потоа во логорот Ивањица.

По издржување на затворската казна, Борка Талески се вратил во својот роден град, како член на месниот комитет на Комунистичката партија.  Неговиот активизам бил постојано под лупата на полициските служби.

На 22 јуни 1941 година месниот комитет одржал таен состанок  во месноста „Рид “ во Прилеп. Тогаш Борка Талески зборувал за војната, за идеолошкиот  судир, помеѓу Хитлер и Сталин. Сметал дека е неизбежна победата на прогресивните советски сили. Таа вечер се договориле месниот комитет да се сретне во проширен состав во месноста „Шарена Чешма“, во домот кај извесен Бале. За овој состанок Борка Талески подготвил реферат. Деновите потоа со забрзано темпо се одвиваме подготовките за вооружена борба.

На „Петровден“ градот бил преплавен со летоци, чии текстови главно биле напишани од Борка Талески. Полицијата почнала рација, но тој не бил уапсен.

Бргу потоа  станал член на Бирото на Покраинскиот комитет на на КПЈ за Македонија во Скопје . Талески не прифаќал мешање на Бугарската комунистичка партија  во работата на македонската партиска организација, поради што бил исклучен од активностите за зацврстување на партиските организации.

Во периодот од 9 октомври (11 –ти октомври кога е означен почетокот на вооруженото востание за национална ослободување), па до 19 –ти истиот месец, Борка Талески учествувал во вооружените дејствија  на партизанските одреди во околината на  Прилеп.

Во 1942 година тој повторно бил дел од партизанските единици кои оперирале во и околу Прилеп и Кавадарци. Во Кавадарци се  зближил со Лазо Филиповски – Лавски. Двајцата оперирале според плановите на организацијата.  На кобниот 2 март, 1942 година на пат од Прилеп кон Кавадарци, поради густата останале заглавени во правец кон врвот на Козјак.

Тогашниот кмет на селото Царевиќ, ги предал на окупаторските војници кои се движеле со камиони по Плетвар. Талески и лавски биле опколени од окупаторските сили и биле свирепо убиени. Телата биле пронајдени изрешетени со куршуми.

На 11 октомври 1951 година Борка Талески е прогласен за народен херој на СФР Југославија од Македонија.

Во негова чест се именувани поголем број улици и институции во земјава. Во Прилеп, неговото име го носи и градската болница. Борка Талески е наш патрон. Во чест и со почит кон неговиот лик и дело, ја чествуваме и годинава 79 годишнината од трагичната смрт на народниот херој.