Сто години од раѓањето на Коле Чашуле (1921-2009)

Автор: Нада Караџоска – библиотекар советник

Kоле Чашуле е роден на 2 март 1921 во Прилеп. Починал на  22 септември 2009 во Скопје.

Чашуле беше македонски романописец, драмски писател, публицист, револуционер-првоборец, политичар и дипломат. Роден како Никола Кепев, четврто дете во фамилијата на Стева и Илија Кепеви, во 1925 година е посвоен од вујко му Илија Чашуле, со што званично го добива презимето Чашуле. Основно училиште и нижа државна гимназија завршува во Прилеп, а државна реална Гимназија во Битола. Во 1938 година запишува студии по медицина во Белград, кои ќе ги прекине во април 1941 година, поради започнување на војната во Југославија.

Од есента 1938 година активно е вклучен во комунистичкото движење. Во 1940 година ја извршил партиската задача пренесување на куфер полн со примероци на „Бели Мугри“ од Белград во Скопје и така го запознава Кочо Рацин.

Во мај 1941 година оди во Софија со група македонски студенти со цел да се запише на тамошниот Универзитет. Тогаш ги запознава Никола ВапцаровВенко Марковски и Тодор Павлов. На импровизирано литературно читање настапува со Венко Марковски,  Вапцаров и Блаже Конески со кого истото лето, по враќањето во Прилеп, подготвува заедничка поетска збирка.

Коле Чашуле бил член на Комунистичката партизанска група, која го кренала македонското востание против бугарскиот фашистички окупатор на 11 октомври 1941 година во неговиот роден град Прилеп.

Во 1942 година е уапсен и осуден на смрт со бесење како организатор на атентатот врз бугарскиот висок полициски функционер во Скопје, озлогласениот Мане Мачков, казната е преименувана во доживотна робија која ја издржува во скопскиот затвор Идризово.

Во 1944 година Чашуле го организира успешното бегство од тој затвор на повеќе од 300 осуденици, по што активно се вклучува во завршните воени операции за ослободување на земјата.

Една од најпознатите драми на Коле Чашуле е „Црнила“ и во неа станува збор за убиството на познатиот македонски револуционер Ѓорче Петров, дедо на Коле Чашуле.

Бил директор на Радио Скопје, уредник на списанијата „Нов ден“ и „Современост“, главен и одговорен уредник на „Разгледи“, управник на Македонскиот Народен Театар. Еден е од иницијаторите за формирање на Друштвото на писателите на Македонија, а едно време бил и негов претседател. Подоцна се зачленил во Независни писатели на Македонија. Членувал во Македонскиот ПЕН центар. Бил член и на Македонската Академија на Науките и Уметностите.

Чашуле во 1952 година заминува на својата прва дипломатска должност во Торонто, каде е именуван за генерален конзул на СФРЈугославија во Канада.

Подоцна станува и југословенски амбасадор во БоливијаПеру и во Бразил. Во 1956 година е именуван за прв министер за култура на Н.Р.Македонија.

Почина во Скопје на 88 години.

Фотографија: Википедија