Австриска донација на детска литература со посредство на нашата сограѓанка Лидија Кравутске

По повод патрониот празник на нашата установа, честитка ни пристигна и од нашата сограѓанка Лидија Кравутске, која што живее и работи во Виена. На иницијатива на Кравутске, која што емотивно е врзана со бројни спомени од детството и младоста со библиотеката „Борка Талески“ е обезбедена донација на детска литература, книги и сликовници на германски јазик, чиј автор е австрискиот писател Томас Брезина.

-Се сретнав со г-дин Брезина, исклучително познат автор на детска литература, и замолив дел од неговите најнови дела, книги и сликовници, како репрезентативен примерок да бидат достапни и за нашите деца, кои членуваат во библиотеката во Прилеп. Г-дин Брезина на моја голема радост, со задоволство прифати. Експресно е формирана оваа мала, но значајна донација, па од Виена, книгите ги пратив во вашата, но и моја библиотека „Борка Талески“. При тоа, еве во оваа пригода, се заблагодарувам јавно на писателот, посакувајќи му многу успешни дела во иднина. А, на мојата и ваша библиотека „Борка Талески“ уште многу успешни јубилеи“, вели нашата сограѓанка, Кравутске, која што иако со години живее во Виена, негува нераскинливи врски со Прилеп дури и на овој начин и во време на пандемија.

КРАВУТСКЕ - Австриска донација на детска литература со посредство на нашата сограѓанка Лидија Кравутске
Лидија Кравутске наша сограѓанка која живее во Виена

Ние како актуелна екипа вработени во библиотеката, се заблагодаруваме за донацијата на авторот Томас Брезина и на почитувачката на нашето дело, Лидија Кравутске, испраќајќи покана во посткорона време заедно да ја посетат нашата установа.

Донацијата веќе ги краси полиците на детскиот оддел во нашата установа. Оваа донација особено во време на пандемија е потврда дека за културата, за реализација на искрените желби и намери за воспоставување културни мостови, размена и ширење на австриската книжевност во нашата земја и обратно, нема граници. Во тоа име, ние како установа ќе возвратиме со избор книги од роднокрајниот оддел, дела во сопствена продукција, коишто ќе ги донираме за библиотеката на градот Виена.

На тој начин ќе го дадеме нашиот придонес во ширење на македонската книжевност, јазик и култура во Виена каде што живеат многу наши сограѓани, кои ќе имаат полесен пристап до литерататура на својот мајчин јазик.

Пандемијата со вакви креативни луѓе, почитувачи на културата, книжевноста не е пречка, туку мост за меѓународна соработка. Нашата радост за воспоставената соработка на овој начин е голема.