112 години од раѓањето на Круме Кепески, авторот на првата македонска граматика

На денешен ден (8, април) 1909 година во Прилеп е роден, Круме Кепески, авторот на првата граматика на македонски јазик. Македонист, педагог, учебникар, методичар, преведувач, собирач на народни умотворби, културен деец на полето на стандардизацијата на македонскиот литературен јазик, особено во развојот на граматичарското дело.Професорот Круме Кепески, составувајќи ја првата македонска граматика ги поставува основите на лингвистиката на современиот македонски јазик. Неговата граматика е и првиот учебник по македонски јазик за многу повоени генерации.Не помалку значајни се неговите трудови од областа на терминологијата на македонскиот јазик, неговите преводи на македонски јазик, а се занимавал и со собирање на народни умотворби. Голем е и неговиот придонес во педагошката практика по македонски јазик, бидејќи тој работи и како професор по македонски јазик.Неговата наставно-научна дејност остварена првенствено на Педагошката академија во Скопје е во тесна врска со неговото ненаметливо активно присуство на сите образовни рамништа, од основното до високото, и за соодветното постапно совладување и усовршување на јазичните и на комуникативните вештини преку образовна практика.

002 naslovna 725x1024 - 112 години од раѓањето на Круме Кепески, авторот на првата македонска граматика

Од таа своја позиција тој се јавува како еден од првите профилирани методичари на наставата по македонски јазик и литература, со свои видувања за секој одделен наставен час, за секоја методска единица, како и за трајното усвојување на наученото преку постојано доусовршување и надградување на граматичкиот материјал со нови содржини.***Круме Кепески е роден во Прилеп на 8 април 1909 година, од татко Димитар и мајка Софија. Таткото по занимање бил кожар, од познатата прилепска фамилија Кепевци. Таткото на родот е Јове, чие презиме потекнува од „кепе“, дел од мијачката носија, што ја носеле, преселувајќи се од с. Тресонче во Прилеп, пред повеќе од шест генерации.Основно училиште и шест класа гимназија завршил во Прилеп, а VII и VIII клас и матура во Битола во 1931 година, бидејќи во тоа време вишите класови во гимназијата во Прилеп биле укинати од политички причини. Истата година се запишал на Филозофскиот факултет во Белград, на групата српскохрватски јазик и старословенски јазик, кој го завршил во јуни 1935 година.Отслужил воен рок во Школата за резервни офицери во Сараево, во 1935/36 година. Работел како професор по словенска филологија во гимназиите на повеќе места во рамките на Кралството СХС и во царството Бугарија и како професор по македонски јазик во Неготино, Скопје и во Горна Џумаја (Благоевград). Во 1937 година бил назначен за суплент во гимназијата во Прилеп. Потоа бил преместен во Приедор (Босна).За време на окупацијата, во прво време бил во Прилеп како професор во гимназијата, а потоа бил преместен во Плевен. Во 1944 година бил во редовите на македонската ослободителна бригада „Гоце Делчев“. Во тоа време работел на собирање на историски материјали за Македонија, кои требало да послужат за мировната конференција во Париз. Потоа во почетокот на 1945 година во Штабот на артилериската команда во Скопје, комисиски, со Воислав С. Илиќ и едно воено лице, работи на утврдување на македонската терминологија за воениот род алтилерија.Во 1945 година бил поставен за професор во Прилепската гимназија.

001 - 112 години од раѓањето на Круме Кепески, авторот на првата македонска граматика

Истата година почнал да работи на првата македонска граматика од каков учебник се чувствува голема неопходност во училиштата на ослободена Македонија. Граматиката е излезена од печат во почетокот на 1946 година. Истата година бил поставен за директор во Неготино, каде била отворена гимназија. Во 1946 – есента – бил повикан во Скопје, во Поверенството (Министерството) за просвета, каде што работел на општата македонска терминологија. Есента бил назначен за редактор на првото македонско книгоиздателство,„Просветно дело“, од кое излегоа првите македонски книги: буквар, граматика, читанки, преводни книги и др. Во зимата на 1947 година бил испратен од Министерството за просвета во Благоевград, каде што работел како професор во Учителскиот институт – рамен на Виша педагошка школа и се занимавал со организирање курсеви по македонски јазик за тамошните учители и професори. Во текот на 1948 година, се вратил во Скопје и бил на работа во учителската школа „Никола Карев“ во Скопје, а во исто време хонорарно предавал и на курсот за наставници во прогимназијата. Во 1949 година, бил назначен за професор на Вишата педагошка школа во Скопје, на која должност со мали прекинувања се наоѓа до крајот на работниот век како професор по македонски јазик, методика на македонскиот јазик и старословенски јазик.Надвор од наставната работа бил избиран за член, подоцна и Претседател на Управата на Здружението на универзитетските и други научни работници, член на ССРНМ, член на Сојузот на борците, член на Здружението на резервните офицери, член на Управата на Здружението на преведувачите на СРМ, претседател на Друштвото за македонски јазик и литература, член на Здружението за борба против алкохолизмот и др.Починал на 3 ноември, 1988 година во Скопје.

Извор: Википедија