Библиотеката „Борка Талески“ учесник во Еразмус + проект за поголема писменост на учениците

Автор: Моника Талеска – директор (библиотекар)

Градската библиотека „Борка Талески“ е дел од проектот Еразмус+ со наслов „Унапредување на писменоста и усвојување на странските јазики кај учениците од основното образование, преку развивање на знаења, вештини, ставови и вредности во рамки на воннаставните активности“. Целта на проектот е да ги поврзе потребните компетенции за јазична писменост и учење на други јазици во основните училишта, надградувајќи и дополнувајќи го учењето преку редовните наставни предмети со учење преку „животот на училиштето“ и воннаставните активности од овие области. Преку читање текстови со различна содржина и структура во училишните библиотеки, клубови, училишни театри и разни други форми предложени од учениците, за да се развие писменоста, културата на читање и пишување, креативноста, љубопитноста и интересот за изучување на разни јазици, почитување на културна разноликост и интеркултурна комуникација.

Имено, на овие дводневни работилници, библиотекарите од Градската библиотека од Риека- Хрватска им ги пренесоа своите знаења, вештини, искуства, методи на работа на сите учесници во проектот, со цел да се подобри писменоста, потребата и вештините на изучување на странски јазици, во воннаставни активности.

Библиотекарите од градската библиотека во Риека, посочувајќи ги темите, презентирајќи ги своите видувања и содржини придонесоа да се развие богата онлајн активност со библиотекарите од повеќе библиотеки во државата, како и педагошкиот кадар во повеќе училишта. Што ќе рече, работилницата водена од Градската библиотека во Риека, понуди увид во широкиот спектар на активности и програми на библиотеката, со фокус на оние дизајнирани за учениците.

Во фокусот на оваа онлајн работилница беше и создавањето, начинот на функционирање на читачките клубови, за што беа реализирани и практични вежби. Учесниците во работилницата покажаа голема креативност при презентирање на своите идеи, а дел од присутните изразија желби овие вежби да бидат и практично реализирани, поточно читачките клубови тукушто формирани, да продолжат со свои агенда во иднина, како практична придобивка од работилницата.

На заедичко задоволство двата работни дена беа заокружени со желби соработката да продолжи, а во едни подобрипостковид услови сите учесници да присуствуваат и на една заедничка средба. Учесниците упатија покана до едукаторите од Риека, да ја посетат Македонија и практично да ги пренесат своите најнови искуства во училиштата, во библиотеките.

Работилницата дел од проектот Еразмус + „Унапредување на писменоста и усвојување на странските јазици кај учениците од основното образование, преку развивање на знаења, вештини, ставови и вредности во рамки на воннаставните активности“, ја спроведуваат Здружението за унапредување на социјалните политики, образованието, културата и уметноста „Доминиум – културно јадро“ – Скопје,  Градска библиотека – Риека од Р. Хрватска и СОУЕЕ „Константин – Кирил Филозоф” од Русе – Р. Бугарија.