Книгата и нејзиното значење во милениумското постоење на човештвото

23 април,светски ден на книгата и авторското право

Денес, во услови на забрзан технолошки развој и голема експанзија на дигитализација во сите сфери на современото живеење, книгата не престанува да ги здружува луѓето, да ги урива границите во времето и просторот.

Без оглед на фактот што живееме во време кога човекот за првпат се отргнал од земјината тежа и ги ипратил своите претходници во таинствената вселена, кога атомската енергија отвора пред луѓето незапамтена можност на голем развој на науката и технологијата, сепак книгата била и oстанува несомнено најголем дострел на човековиот ум и неговите создавачки можности.

Да не постоеле книгите, во кои најдобрите претставници на човечкиот род, векови и милениуми собирале најразлични знаења и така ги предавале на идните поколенија, сите овие епохални откритија никогаш не би можеле да се остварат. Значи сето ова што до ден денес сме го создале, сме го создале благодарение на книгите и со помош на книгите, а напорите на поединци, нивните искуства, нивните мисли и заклучоци, сите тие се само мали капки како што вели и авторот Цесариќ, што помагаат да се создава симфонијата на успехот, која ја нрекуваме цивилизација и култура на човештвото.

Денес животот станува толку богат, сестран и специјализиран да човечкиот мозок не би можел било која работа да ја врши стручно, со минимален напор, а со максимален ефект, ако не ја користи теоријата и искуствата од книгата. Книгите не ни се потребни само во строго научната работа, туку посредно и непосредно и при извршување на обични технички операции како и во научни лаборатории, занаетчиски работилници, земјоделие итн., со еден збор во сите сфери на човечкото дејствување.

Повеќе од било кога, човекот денес е толку упатен во книгата, што неговиот живот веќе не може ни да се замисли без книга. Книгите на современиот, културен човек му станале толку неопходни, како што е сонцето и водата, храната и облеката.

Вредноста на книгата се почувствувала уште во најстарите цивилизации, како на пример во египетската, каде што во едно од најстарите познати книжевни сведоштва во записот на еден папирус од пред 3 600 години останало забележано за идните поколенија дека луѓето на тој дел од земјината топка уште во тоа време ја почувствувале убавината и значењето на книгата.

Три и пол илјади години по настанувањето на овој запис, големиот руски мислител и револуционер од минатиот век Александар Херцен вели дека книгата е најважното средство во образованието на моралната личност на современиот човек. Книгата е духовен завет на многу поколенија, завет на старецот кој умира, на младичот кој почнува да живее, заповед и стражар кој се сменува и предава стража на другиот, со еден збор, целиот човечки живот се таложел на книгата. Народите, луѓето и државите исчезнувале, но книгата останувала.Таа растела, заедно со човештвото, и во неа е запишана огромната исповест на бурниот живот на човештвото.Таа е огромна автобиографија која се вика светска историја. Таа претставува исто така документ врз кој ние луѓето стануваме господари на сегашноста, сопственици на своите вистини и напори кои се пронајдени низ страдањето, понекогаш облиено со крвава пот.

Книгата е човечка мисла која добила релативна самостојност, тоа е траг, што го оставил човекот. Но книгите имаат и свој поблизок, поинтимен, лирски аспект.Тие се лек за душата како што е запишано на влезот на библиотеката на големиот освојувач Рамзес II. Еден од најистакнатите писатели од минатиот век, Иво Андриќ, зборувајќи за љубовта кон книгата ќе рече: “Во нашите мисли и мечтаења книгата не е тоа, што навистина е , човечки продукт, пишан, печатен и издаван за сите луѓе, туку необична работа, како маѓија, која на оној кој ја има му дава особена моќ. Во тие момчиња од првата деценија на XX век имаше нешто од духот на нивните далечни предци, за кои книгата, на тие што биле под османлиската власт била ретка, драгоцена, свештена, душеполезна работа која скапо се наплаќала, криела и чувала, се завештувала на црквите или се оставала на потомците како аманет и скапо наследство.“

Поминат е еден долг период кога човештвото дојде до тој благодет кога знаењето се шири на така едноставен и ефтин начин, а историјата на тие напори на целото човештво е необично интересна и секој човек кој сака да биде образуван, треба со неа малку подобро да се запознае, како полесно би сфатил дека книгата не паднала од небо како мана во библиската легенда, туку дека таа е продукт не само на безбројните напори на научниците и одушевувањата на поетите, туку исто така и на долгиот и многу сложен и заморен процес на цела низа професионалци на разни струки.

Книгите денес, се најмоќните алатки што ни стојат на располагање за да се отстрани сиромаштијата и да се зајакне мирот. Во нив е изразена човечката креативност и желбата за споделување идеи и сознанија, но и за ширење на разбирањето и толеранцијата.

Сето ова горенаведено треба да го знаеме сите, за да можеме правилно да го процениме и подобро да го чувствуваме и да разбереме што всушност значи книгата во нашиот живот и дека таа ни е најголемиот другар и пријател, и дека ниту телевизијата ниту друг медиум може да ја замени.

Книгата, почнувајќи од овој милениум се соочува со уште еден предизвик на вечните барикади во борбата на својот опстанок. Некогаш инквизициите, тоталитарните режими ги палеа книгите на клади, заедно со нивните автори, сметајќи ги за опасни. Книгата ги надживеа и тие времиња..Денес во светот, големи писатели (како Албахари на пример)го изразуваат своето стравување за новите генерации да не станат жртви на опсесивната зависност од дигиталните медиуми како Интернетот кој е на прво место, на еден вид “Технолошки тоталитаризам“, па еден ден и компјутерите да “завршат на клада“, се разбира, со понепредвидливи последици, отколку што беа тие за книгата, вели академик Старова.

И затоа ние денес, книгата, не само на 23 ти април туку треба секојдневно да ја славиме, посебно во библиотеките, замислени како рај од Борхес каде читањето останува редовна молитва за децата, младите и старите. Не постои замена за времето на детството минато во читање, во создавање на идеали што се позлатуваат во годините на зрелата возраст.

д-р Наде Караџоска
Библиотекар, Советник