ЧЕСТИТ ДА Е ДЕНОТ НА СЕСЛОВЕНСКИТЕ ПРОСВЕТИТЕЛИ, СВЕТИ КИРИЛ И МЕТОДИЈ

Славјанските апостоли, браќата свети Методиј Солунски (815-885) и свети Кирил (роден Константин, 826-869) со  своето дело ги описменија словенските народи. Затоа и денес го славиме нивното дело.

Имено, во почетокот на IX век, Византија (Источното Римско Царство)  доживува културен расцут. Во овој период во Солун живее семејството на висок службеник на царската власт, Лав, којшто бил помошник на византискиот стратег на Солун и солунската област. Лав со сопругата Марија имале повеќе деца, најстариот – Методиј, а најмалиот Константин. Како религиозни родители уште од најрани години своите деца ги вовеле во христијанството.

Костантин од својата младост се занимавал со списите на свети Григориј Назијанзин и Дионисиј Аеропагитски. Татко му го испратил во Цариград да го продолжи своето образование во императорското Магнаурско училиште. Освен богословски науки Константин изучувал: граматика, аритметика, географија, астрономија, музика, поезија, реторика,учел латински, еврејски и сириски јазик. По завршување на високо образование, бил назначен за библиотекар во црквата Света Софија, а потоа станал професор по филозофија во училиштето што го завршил. Тогаш го добил и името Константин Филозоф.

Византискиот двор им доделувал многу тешки и одговорни задачи на двајцата високо-образовени и талентирани просветители. Биле испратени во мисија кај Сарацените (Арапите) во Багдад, (како и во Хазарската и Моравската мисија) претставувале дел од политичката програма на Византија) со основна цел да ги христијанизираат: Сарацените, Хазарите, Моравските Словени, Бугарите, Русите и другите народи на исток и север од Византија и да им ја наметнат византиската црковна власт.

Кога хазарскиот цар Каган побарал од царот Михаил проповедници на верата во Исус Христос, на заповед на царот биле пронајдени двајцата браќа и испратени меѓу Хазарите. Откако го увериле Каган во верата христова, тие го крстиле овој цар и голем број негови доглавници и многуброен народ.

По извесно време се вратиле во Цариград. Овде  ја составиле словенската азбука од триесет и осум букви. Тогаш почнале да ги преведуваат црковните книги од грчки на словенски јазик.

Подоцна на повик од царот Ростислав, заминале во Моравија каде ја распространиле и ја утврдија православната вера. Ги умножиле книгите, им ги дале на свештениците за да ги подучуваат младите. Потоа на повик од папата заминале за Рим. Таму Кирил се разболел. Умрел на 14 февруари 869 година. Тогаш Методиј се вратил во Моравија и до смртта се посветил на утврдување на христовата вера меѓу Словените. Методиј епохалното мисионерско дело меѓу западните Словени го продолжил сам со помош на своите ученици, кои во Рим биле ракоположени во свештенички чин. Непријателството од германските свештеници не престанувало. Истоштен од напори и измачувања, Свети Методиј починал во Нитра, 885 година. Неговите ученици биле подложени на измачувања и прогони. Некои од нив распродадени како робови.

По неговата смрт, неговите ученици петочисленици, на чело со Свети Климент Охридски како епископ, го преминале Дунав на сплав “од три липови дрвја” и пристигнале во Белград. Началникот на Белград, ги испратил кај тогашниот бугарски цар Борис I. Свети Наум останал во главниот град на Бугарија и ги поставил основите на Преславската книжевна школа, а Климент е испратен во областа Кутмичевица, на југ во Македонија, каде што од Охрид продолжил да работи меѓу Словените на истото дело, што го започнале браќата Методиј и Кирил на север.

Мисионерската дејност на светите браќа меѓу Македонците, посебно возобновувањето и применувањето на македонската азбука е забележано во житието на Свети Наум. Ова му претходело на преведувањето на светите книги на јазикот на Македонците од солунско и на мисионерското дело меѓу западните Словени во Моравија.

Светите браќа Кирил и Методиј успеале да станат апостоли на Словените. Тие сакале да му служат на доброто на сите словенски народи и на единството на Универзалната црква. За овие и вакви свои заслуги, во своето апостолско послание egrigae virtulis папата Јован Павле II на 31 декември 1980 година ги прогласил за ко-покровители на Европа, чиј покровител е Свети Бенедикт, прогласен од папата Павле IV на 26 октомври 1964 година.