203791718 831383677497158 4354247037968222375 n - Чествување по повод 87 годишнината од раѓањето на Петре М. Андреевски

Чествување по повод 87 годишнината од раѓањето на Петре М. Андреевски

Со полагање свежи цвеќиња, поклон и почит, со литературно читање, почитувачи на делото на врвниот македонски поет Петре М. Андреевски (25.06.2021-25.09.2006), денеска во неговото родно село Слоештица, општина Демир Хисар пригодно ја чествуваа 87 годишнината од неговото раѓање, во присуство на членовите на неговото потесно семејство. Претставници од ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ и културни дејци и почитувачи на делото на Андреевски од Прилеп, во рамките на воспоставената соработка со домот на култура „Илинден“ од Демир Хисар, заедно со нивната делегација, предводена од градоначалникот на Општина Демир-Хисар, Марјан Стојановски, го посетија вечното почивалиште на македонскиот реномиран поет, писател, раскажувач, драматург, заедно со семејството Андреевски, каде положија свежи цвеќиња.

203791718 831383677497158 4354247037968222375 n 1024x683 - Чествување по повод 87 годишнината од раѓањето на Петре М. Андреевски
203727380 831383437497182 1188803211969493358 n 1024x683 - Чествување по повод 87 годишнината од раѓањето на Петре М. Андреевски

Во просториите на библиотеката којашто го носи името на литератот, а е сместена во домот на култура „Илинден“, каде што се наоѓа и посебно катче посветено на Петре М. Андреевски, директорот на домот во Демир Хисар, Зоран Котевски и директорката на библиотеката во Прилеп, Моника Талеска со пиетет се осврнаа на ликот и делото на Андреевски.

204777107 831383597497166 8454452582517115523 n 1 1024x796 - Чествување по повод 87 годишнината од раѓањето на Петре М. Андреевски

Додека во дворот од семејната куќа на Ирена и Сергеј Андреевски, снаат и синот на реномираниот автор, Петре М. Андреевски се читаа авторски творби на учесниците на чествувањето и избрани песни од збирката „Дениција“ , за која што авторот, добил две награди: „11 Октомври“ и „Браќа Миладиновци“, во годината кога е публикувана збирката -1968.

Наместо омаж за Петре М. Андреевски го презентираме во продолжение обраќањето на директорката Моника Талеска на денешното чествување:

205415362 831383590830500 4322599428366631253 n 1024x787 - Чествување по повод 87 годишнината од раѓањето на Петре М. Андреевски

Почит за ПЕТРЕ М. АНДРЕЕВСКИ (25.06.1934 – 25.09.2006)

Денеска кога се навршуваат 87 години од раѓањето на врвниот македонски автор, Петре М. Андреевски, поет, драматург, романописец и раскажувач, се собравме овде, на плодната демирхисарска почва, која го негува архетипот на бистриот, мудар, честит, даровит македонски народ.

Денес меѓу овие бујни шуми и бистри води, во оваа речиси еколошки чиста природа, сонцето од изгревот до залезот се вградува во животот на секој цвет и секој клас жито, ветерот се уште го чува жив споменот за незаменливиот, врвен креатор, кројач на зборот и мислата, слуга на љубовта и убавината, мартир на перото, носталгичар и промотор на својот роден крај, патриот и слободољубец, Петре М. Андреевски.

Тој е еден од најдаровитите и меѓу читачката публика најпопуларните македонски автори.

Неговите цитати 15 години по неговата смрт, се уште ‘поживи’.

‘Без јазикот ќе си недостигаме самите на себе, оти само јазикот никогаш не н’е оставил сами, и тој памети многу повеќе, отколку што ние можеме да заборавиме!’ – ни порача Андреевски.

‘Племето наше е пиреј и не го ништи ни една војска! Ами ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева!’- Ќе запише авторот во ‘Пиреј’, романот издаден во 1980 година, а до денес најистражуван од книжевната и научната критика.

‘Молњата што минува низ тебе во мене се одразува и јас живеам затоа што знам дека и ти живееш.“

‘Ништо не е повидливо и ништо не е поприсутно од твоето отсуство.’

На овие цитати се восхитуваат сите генерации читатели на незаменливата збирка поезија ‘Дениција’, објавена во 1968 година, кога Андреевски ги освоил двете награди: ’11 Октомври’ и ‘Браќа Миладиновци’. А, критиката – збирката ја означи за химна на космичката љубов, химна на жената и татковината, нарекувајќи ја ‘златна книга на македонскиот модернизам’.

‘Секој човек си го планира некако животот. Но, никој не знае кај згрешил кога ги повлекувал правите и криви линии, допирните точки, острината на аглите. Не може ни со сигурност да се објасни кај му измрдала либелата. Можеби некој ден ќе го открие тоа, но ќе го открие кога не ќе може нешто да измени.’

‘Сега дури сфаќам дека и среќата и несреќата ги разбираме откако ќе нема со кого да ги делиме’. – овие се само дел од запишаните мудрости на Андреевски во романот ‘Тунел’; објавен во 2003 година, од издавачката куќа ‘Три’.

Андреевски е впрочем автор на бројни дела, на 7 стихозбирки: Јазли (1960), И на небо и на земја (1962), Дениција (1968), Дални наковални (1971), Пофалби и поплаки (1975), Вечна куќа (1987), Лакримариј (1999). Тој е автор на 4 книги со раскази: Седмиот ден (1964), Неверни години (1974), Сите лица на смртта (1994), Боеми објавена постхумно. Автор е на 6 романи: Пиреј (1980), Скакулци (1983), Небеска Тимјановна (1988), Последните селани (1997), Тунел (2003), а Бежанци е објавен постхумно. Автор е на книги драми: Време на пеење и Богунемили, на есеи: Сегашно минато време (2006), на стихозбирките за деца: Шарам барам и Касни порасни.

Тој е добитник на бројни награди: ’11 Октомври’, ‘Браќа Миладиновци’ (два пати), ‘Рациното признание’ (два пати), а два пати е добитник и на наградата ‘Стале Попов’. Романот ‘Пиреј’ македонската критика го прогласи за ремек -дело на македонската современа проза.

Петре М. Андреевски е меѓу најчитаните македонски автори и во нашата установа ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“-Прилеп. Сите негови дела ги красат полиците во одделот за деца и возрасни.

Пренесувајќи ја нашата и почитта од нашите читатели, чествувајќи го неговото грандиозно дело, се поклонуваме пред бистата на Петре М. Андреевски, пред неговото вечно почивалиште, пред неговото дело, пред потомците, горди што сме следбеници – почитувачи на неговото врвно творештво и што сме генерација која што ќе го предаде ова вредно книжевно наследство на генерациите по нас.

Почит и вечна слава!