Библиотеката „Борка Талески“ гостин на „Штипско културно лето“ со три поставки

Трајната поставка на прилепската библиотека „Борка Талески“ со 36 фотографии со последните занаетчии-репрезентите на прилепскиот еснаф, која што е финансиски поддржана од Министерството за култура, а чии автори се Моника Талеска и Александар Десоски, од денеска е изложена во центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип.

4 - Библиотеката „Борка Талески“ гостин на „Штипско културно лето“ со три поставки

Ова гостување на Библиотеката е реализирано во рамките на манифестацијата „Штипско културно лето“, на покана на центарот за култура во градот под Исарот, и како плод на неодамна воспоставената соработка меѓу двете институции.

-На наше големо задоволство, по воспоставената соработката со Библиотеката, за што потпишавме и Меморандум со директорката Моника Талеска, денеска за прв пат надвор од Прилеп се промовира трајната поставка на фотографии со прилепските занаетчии. Но, љубителите на книжевноста може да ги погледнат и ретките изданија со книги, од раритетната поставка и издавачката дејност на установата, рече отворајќи ја мултимедијалната изложба Горан Трајков, директор на штипскиот центар за култура.

10 - Библиотеката „Борка Талески“ гостин на „Штипско културно лето“ со три поставки

Според уметничкиот директор на оваа установа Трајче Кацаров, овој мултимедијален настан ја збогатува понудата на центарот со квалитетни содржини.

-Поставката на фотографии чии главни актери се репрезентите на прилепскиот еснаф, изборот на литература и музичките изведби на  Добрила Грашеска, инаку вокалистка на групата „Чалгија саунд систем“ дава еден посебен шарм на културната понуда во градот. На овој начин имаме едно покомплетно доживување на животот во прилепската чаршија-душата на Прилеп, рече Кацаров, детално осврнувајќи се на изложбата на фотографии.

Прилепскиот поет и писател Петар Петрески, вработен во Библиотеката во Прилеп, издвои акценти од богатата издавачка дејност,која се негува речиси 5 децении.

-ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп ги следи и имплементира современите трендови во библиотекарството, стремејќи се да прерасне во културен стожер на градот под Марковите Кули. Во таа насока, Библиотеката во текот на изминативе децении разви богата и разновидна издавачка дејност. Таа стана препознатлив и иманентен белег на нејзиното севкупно работење. Како резултат на оваа определба, Библиотеката во периодот што е зад нас издаде повеќе значајни монографски публикации, библиографии, каталози и поетски збирки. Тие, меѓу другото, претставуваат и документ на културното, уметничкото, спортското и општественото живеење и создавање на Прилеп. Неретко, тие дела по својата вредност го надминуваат локалното и регионалното значење, рече Петрески.

Според директорката на Библиотеката, Моника Талеска, во раритетната поставка на установата, која што брои околу 1000 книги, посебно место има канадската „Фамилијарна библија“ публикувана во 1879 година, потоа делото „Прилеп и неговата околина“ чиј автор е сестраниот српски интелектуалец д-р Јован Хаџи-Васиљевиќ, испечатено во 1902 година.  Дел од поставката е и книгата „Пастер“ објавена во 1939 година, чиј автор е Пастер Валери Радо, внукот на Луј Пастер, како и „Македонска литература и македонскиот литературен јазик“ од Блаже Конески, во издание на „Култура“ во 1945 година.  

13 - Библиотеката „Борка Талески“ гостин на „Штипско културно лето“ со три поставки
19 - Библиотеката „Борка Талески“ гостин на „Штипско културно лето“ со три поставки

-Раритетната поставка е книжевна иманентност за нашата установа. Содржи извонредни дела кои се богат извор особено за научната јавност. Дел од оваа литература освен на македонски е публикувана на руски, бугарски, српски, англиски и француски јазик. Наша императивна обврска е да ја преведеме што поскоро и да ја ставиме во функција на нашата читачка публика и научната јавност. Зашто книгата „живее“ само кога е во допир со читателот. Но, денеска сакам посебно да се заблагодарам на вашето гостопримство. Амбиентот во којшто се изложени нашите поставки е извонреден. Гостувањето во Штип, прво надвор од нашиот град, особено речиси две години по создавање на поставката „Стари прилепски занаети“, за нас е од голема важност, зашто се случува во година, кога одбележуваме 75 години од основањето на нашата установа, и 100 години од раѓањето на нашиот патрон, Борка Талески, но и 100 години од раѓањето на нашите сограѓани, културни дејци: Блаже Конески, Коле Чашуле и Благоја Корубин.

Сите на свој начин го дале својот придонес за втемелување на македонскиот јазик, култура, правопис, драматургија, книжевност … Наша обврска е како установа не само да го почитуваме нивното дело, туку да продолжиме со перманентна промоција на книжевните вредности, при тоа создавајќи квалитативен раст во критериумите на нашата читачка публика. Гостувањето во Штип во таа насока е почеток на поинтензивна мултимедијална соработка меѓу двете установи со обострани бенефити, рече Талеска, упатувајќи покана за возвратно гостување со културни содржини на штипскиот центар во Прилеп, во втората половина на септември.