Прилеп за Борка Талески – 100 години од раѓањето

„Срцето на Борка Талески“

Прилеп, 19 јули 2021

Пред  100 години во еден ваков јулски ден, во Прилеп, во семејството на фурнаџиите Спасија и Петре Талески стигнал најголемиот благослов – потомство, машко чедо, на кое му дале име Борка.

Воспитувајќи и издигнувајќи го со љубов своето чедо, не можеле ни во најцрните кошмари да го загубат само по 21 година. Во цветот на младоста и убоста, жедниот за знаење, нескротливиот интелектуалец со марксистички ставови, борец за правда и човекови права, слободољубецот, учесникот во НОБ Борка Талески бил убиен во месноста Чашка на Плетвар на 2 март, 1942 година. Во истрагата спроведена подоцна, како што утврдила полицијата, Борка Талески е предаден од кметот на селото Царевиќ.

 Сто години подоцна, во квечерината на родениот ден, во центарот за култура во Прилеп, на иницијатива на градската библиотека која го носи името на херојот, почитувачите на неговото дело, го чествуваа неговото раѓање, како светол датум од македонската историја и култура.

ELS 0063 - Прилеп за Борка Талески - 100 години од раѓањето

Градоначалникот Илија Јованоски изрази огромна почит кон ликот и делото на херојот Борка Талески, поклонувајќи се пред неговото дело и пред потомците на Борка Талески.

-Борка Талески е симбол за македонскиот непокор, храброст,пркос, борбеност, правда и права! Затоа се поклонувам пред неговото дело, пред потомците на семејството на Борка Талески, оддавајќи уште еднаш неизмерна почит! Денеска по 100 години од раѓањето на Талески и 79 години од погибијата, овде во градот првоборец, стоиме горди, чекориме храбро по патот на слободата, вградувајќи се во напредокот, развојот на Прилеп, исполнувајќи го аманетот што ни го остави Борка Талески, и сите храбри борци, порача градоначалникот Јованоски.

ELS 0081 - Прилеп за Борка Талески - 100 години од раѓањето

Историчарот Рубин Белчески говорејќи на мултимедијалниот настан се осврна на неговиот краток, но плоден животен пат и дело.

-На 5 јули 1951 година постхумно, Борка Талески е одликуван со Орден- Народен Херој. Во чест на неговото дело, неговото име го носи и Партизански одред во 1944 година, Библиотеката во Прилеп, основно училиште во селото Витолиште уште во 1945 година, Градскиот хор во Прилеп во 1947 г.Железничката станица Долно Нерези во Скопје во 1948г.Медицинското и хемиско –технолошкото училиште во Прилеп во 1960 г.Медицинскиот центар во Прилеп интегриран во 1970г. Улица во Прилеп и други објекти во другите градови, подвлече во обемното излагање историчарот Белчески.

ELS 0092 - Прилеп за Борка Талески - 100 години од раѓањето

Директорката на болницата во Прилеп која што го носи името на народениот херој, оддавајќи почит на патронот стави акцент на заложбите за сестрано консолирање на оваа здравствена установа со цел да пружи максимална здравствена заштита на сите осигуреници и граѓани кои сезгрижуваат во регионот.

-Чествувајќи го јубилејот сакам да се осврнам на кратко за работата на медицинскиот центар во Прилеп и да истакнам дека ги вложуваме сите напори, да се консолидираме од секој аспект, кадровски, технички, со опрема и вештини, инвестициски и едукативно, со цел да одговориме на современите потреби на медицината, со примарен акцент: здравствена заштита на сите наши граѓани, рече Смилеска.

ELS 0098 - Прилеп за Борка Талески - 100 години од раѓањето

Директорката на градската библиотека „Борка Талески“ која е домаќин на чествувањето, говореше за развојните перспективи на овој книжен храм на грасот, којшто успешно бележи и 75 години постоење и грижа за веќе богата збирка од преку 130.000 книжни единици.

-Со длабок поклон кон делото на нашите колеги поклоници на книжевноста, опиени од чистиот мирис на книжевната роза, негувана минатите 75 години, ние современиците ја преземаме обврската да го продолжиме тој пат на покорни вљубеници на книжевниот раскош, мечтатели, сонувачи, но и современи борци за да оваа наша установа еден ден прерасне во вистински храм на книгата и со свој физички раскош. Секој оддел да добие свој кат со доволно простор за читатели според возраста,според жанровскиот избор на литература, со доволно простор засместување на секое делче од богатиот книжен фонд, акцентираше директорката Моника Талески.

ELS 0104 - Прилеп за Борка Талески - 100 години од раѓањето

Пред присутните беше презентиран дел од богатата раритетна збирка, што се негува во библиотеката. Библиотекарот советник, д-р Наде Караџоска се осврна на важноста на 10-ина раритетни дела од збирката, кои што како културни споменици се посебно книжно благо за секој почитувач на книгата, книжевноста и културата, воопшто.

– Фамилијарната библија, публикувана во Канада, во 1879 година е „најстарата“ книга која што ја краси раритетната збирка. Таа е подарок од поранешен вработен во библиотеката, Кирил Петкоски, сега пензиониран книговрзец, кој при својот престој во Канада кај негови блиски роднини наишол на ова издание и го донел во библиотеката како подарок. Оваа Библија содржи Стар и Нов Завет, книги од Мојсеевото петокнижие, како и табела со хронолошки настани. Исто така во Библијата има приказ на Второто послание од свети Апостол Павле до Коритјаните и христијаните во околната провинција Ахаја во денешна Грција, како и методологија за читање на цитатите на светите апостоли, рече д-р Караџоска.

ELS 0057 - Прилеп за Борка Талески - 100 години од раѓањето

Актерот Игор Трпчески ги читаше стиховите од песната „Срцето на Борка Талески“ чиј автор е кодификаторот на современиот македонски литературен јазик, нашиот сограѓанин, Блаже Конески, чија 100 годишнина од раѓањето ја чествуваме годинава и на национално ниво со особен пиетет.

ELS 0076 - Прилеп за Борка Талески - 100 години од раѓањето

Дуото Андријана Дукоска – виолончело и Љупчо Трајаноски – виола со свој музички перформанс го збогатија чествувањето.

Во рамките на мултимедијалниот настан, беа изложени четири поставки:

  • Збирка на книги посветени на ликот и делото на Борка Талески,
  • Збирка на книги од издавачката дејност на библиотеката,
  • Збирка на книги од раритетната поставка,
  • Две збирки од Сојузот на филателисти на Македонија, кои што на библиотеката и подарија и пликови со поштенска марка и печат со ликот на Борка Талески.

АД Пошти Македонија – Прилеп во соработка со Сојузот на филателисти на Македонија, на 19 јули, 2021 година, во чест на 100 годишнината од раѓањето на Борка Талески, на сите поштенски прати го ставија печатот со ликот на херојот, оддавајќи и на овој начин почит на нашиот сограѓанин и првоборец.

Како домаќини на чествувањето се заблагодаруваме посебно на присуството на членовите на семејството Талески, на неговиот прв братучед Александар Самарџиоски.

ELS 0066 - Прилеп за Борка Талески - 100 години од раѓањето

Поклон и почит!

Вечна слава на Херојот!

ELS 0042 - Прилеп за Борка Талески - 100 години од раѓањето
ELS 0059 - Прилеп за Борка Талески - 100 години од раѓањето
ELS 0050 - Прилеп за Борка Талески - 100 години од раѓањето