Библиотеката „Борка Талески“ со омаж за Коле Чашуле (1921-2009) ја одбележа 100 годишнината од неговото раѓање. На делото на Чашуле стручно како театролог се осврна, д-р Ана Стојаноска, професорка на Факултетот за драмска уметност во Скопје.
-Коле Чашуле е писател, а другите општествени функции (револуционер – првоборец, дипломат, публицист) се во сенка на неговата љубов – пишувањето! Автор е, кој што отворено и директно ги осветли македонските црнила низ горчилата на остриот дискурс. Благодарни сме што го имавме, рече проф. д-р Стојаноска.
Извадоци од неговите дела: Сентиментален запис, Вејка на ветерот, Црнила … читаа актерите од прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“, Марија Спиркоска Илиески и Илија Волчески.
Директорката на Библиотеката, Моника Талеска поздравувајќи ги почитувачите на делото на Чашуле меѓу другото рече:
-Библиотеката ‘Борка Талески’ со пиетет ги чува, се грижи за делата на великанот на македонската култура, Коле Чашуле, во својата роднокрајна поставка. Неговите дела се лектира за учениците и средношколците според наставната програма, но и омилено четиво на граѓаните од сите возрасти, редовни читатели во установата.
И најмалку што можеме да направиме е да оддадеме почит на револуционерот-првоборец, дипломат, драматург, писател, Коле Чашуле. Она што е наш императив е да го славиме неговото дело, да го негуваме моделот на истакнат општествен и културен деец, кој себе си се вградил во македонската култура и историја, за да им го пренесеме на генерациите кои доаѓаат. Од нашиот однос кон ликот и делото на Чашуле, на Талески, Конески … зависи нашиот однос кон македонската книжевност, јазик, култура воопшто, нашиот однос кон македонската држава. Почит и вечна слава за великанот!
Градоначалникот Илија Јованоски, во своето поздравно обраќање до присутните се осврна кон дипломатската кариера на Чашуле, акцентирајќи го неговото значајно место во македонската култура и историја.
-Исклучителна чест е за мене, како градоначалник на Прилеп да ја изразам мојата огромна почит кон ликот и делото на нашиот сограѓанин, револуционерот – првоборец, дипломат и публицист Коле Чашуле во година кога одбележуваме 100 години од неговото раѓање. Коле Чашуле припаѓа на првата генерација македонски писатели, рече градоначалникот Јованоски.
Во спомен на ова чествување кое се одржува во родниот град на Чашуле, на неговата сопруга, г-ѓа Јелена Лужина и подари уметничка слика, акварел со мотив од старата прилепска архитектура од 20 век, чиј автор е академскиот сликар Илија Миноски (1936-2020).
Меѓу почитувачите на делото на Чашуле, беа повеќе млади, со што се потврдува нашата заложба како установа,
да не ги забораваме значајните датуми и личности кои себе си се вградени во нашата држава, историја, култура и јазик.
Чест е да се биде дел од актуелната генерација работници во културата, библиотекари во единствениот храм на книгата во градот и општината, во година кога како установа чествуваме: 100 години од раѓањето на Чашуле, 100 години од раѓањето на Борка Талески и 100 години од раѓањето на Блаже Конески. Тројца великани! Тројца истакнати културни дејци! Тројцата истакнати општествени дејци! Втемелувачи на македонската книжевност, јазик, култура, историја, борци за човекови права, вградени во се што е темел на македонската држава!
Вечна слава и почит за великаните!