Јавната општинска установа (ЈОУ) Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп, со своето организирано, високостручно и професионално работење, претставува жариште на културата во нашата Општина, но и пошироко.

Денес, во современи услови на библиотечно работење, Библиотеката се стреми да прерасне во културно – информациски центар и со тоа во целост да одговори на потребите и барањата на корисниците.

Библиотеката е полноправен член на библиотечно – информацискиот систем COBISS-MK, и со тоа овозможено е автоматизирано интернет пребарување низ библиотечниот фонд, а во завршна фаза е подготовката за автоматизирано библиотечно зајмување на библиотечен материјал.

Секојдневно Библиотеката ја следи издавачката продукција, ја креира набавната политика, набавува монографски и периодични публикации и друг непечатен библиотечен материјал (аудио – визуелни и дигитални записи) и врши меѓубиблиотечна размена на библиотечен материјал, при што секогаш се следат барњата и потребите на корисниците.

Во Библиотеката функционира информативна служба преку која корисниците се запознаваат со сите информативни инструменти (каталози, библиографии, електронскиот COBISS систем, тековните, планираните настани во Библиотеката и сл.)

Исто така од 2007 година отворен е интернет клубот (Дигиталниот клуб) на Библиотеката каде што корисниците можат да работат на компјутер, да пребаруваат по електронскиот каталог на библиотеката или да работат на стручни и научни трудови користејќи го библиотечниот материјал.

Во библиотеката библиотечен материјал може да се изнајмува на два пулта, од двата оддели за зајмување и тоа оддел за возрасни и оддел за деца.

Одделот за возрасни секоја година има околу 3000 членови, на кои на располагање им се над 100 000 монографски и над 3000 периодични публикации.

Одделот за деца брои околу 2000 членови годишно на кои на располагање им се над 40 000 книги.

Во двата оддели на корисниците достапна им е секаков вид на литература: Белетристика, сртручна литература, лектирни изданија, енциклопедии, лексикони, сликовници …

Библиотеката располага со богата роднокрајна збирка на литература и ракописи од Прилеп и околината, како и со раритетна збирка.

Во соработка со странските дипломатски претставништва во нашава земја, во Библиотеката постои посебен оддел за странска литература каде читателите можат да најдат Германска, Француска, Англиска, Италијанска и Руска литература, списанија и слично. Во овој оддел членовите на библиотеката можат да најдат и аудио-визуелни записи за полесно изучување на странски јазици.

Старите и оштетени книги грижливо се репарираат и средуваат за да бидат функционални во одделот за репрографија. Во овој оддел се врши вкоричување, подврзување, зашивање, лепење на библиотечен материјал, се изработуваат кутии и папки за потребите на библиотеката и сл.

За да им излезе во пресрет и на читателите од пошироката околина на Прилеп, Библиотеката располага со две подрачни библиотеки. Едната е во населбата Варош, а другата е во населеното место Тополчани. Овие две подрачни библиотеки располагаат со вкупен библиотечен фонд од околу 22 000 книги.

Покрај книги во Библиотеката може да се читаат и дневен и периодичен печат, „Службен весник“ „Службен гласник на Општина Прилеп“ и друг материјал.

Од 1973 година па се до денес, Библиотеката врши и издавачка дејност. „Дваесетишестмина“ „Роднокрајна библиографија на прилепски автори“ „Хронолошка библиографија на Народниот театар Војдан Чернодримски“ „Прилеп и прилепско на страниците на Нова Македонија“ „Прилепското писмо“ „Шахот во Прилеп“ „Поетско Маркукуле“ „Борко Лазески – био библиографија“ „ Библиосвет“ „Прилепскиот ликовен феномен“  се само некои од многуте наслови во издание на Библиотекта.

Во библиотеката секојдневно се случуваат различни активности, трибини, промоции, изложби, научни симпозиуми, прес конференции и сл. Тоа е овозможено со пуштањето на реновираната мултимедијална сала која ги задоволува сите европски стандарди со аудио визуелни и технички критериуми.

Традиционално Библиотеката се јавува како организатор на чествувањето на Патрониот празник (2 март), организатор на продажни изложби на книги по повод месецот на книгата, организатор на натпревари за избор на најдобар рецитатор, најдобра лична творба, избор на најредовен читател и сл. Библиотеката секоја година го организира националниот натпревар „Млади библиотекари“ за учениците од основно училиште, и поетската манифестација „Поетско маркукуле“. На оваа манифестација учество земаат бројни поети од земјава и странство, а нивниот број и интересот на јавноста за оваа манифестација расте од година во година.