101 година од раѓањето на народниот херој Борка Талески

Денеска изминува 101 година од раѓањето на народниот херој Борка Талески (19, јули, 1921- 2 март, 1942).

Револуционер, партизан, борец во НОБ. На 11 октомври 1951 година, во слободна Македонија, Борка Талески е прогласен за Народен херој на Југославија од Македонија.

Во негова чест е именувана нашата установа, ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп.

Со гордост го носиме името на херојот и го чествуваме делото на нашиот патрон. Денеска вработени од установата положија свежи цвеќиња пред бистата на херојот во Библиотеката и пред бистата во Алејата на народните херои.

Борка Талески е роден на 19 јули, 1921 година во Прилеп, во скромно, но имотно семејство на познати фурнаџии, дедото Тале фурнаџијата, татко му Петре Талески и мајката Спасија. Основно образование завршил со одличен успех во родниот град. Продолжил во гимназијата, но само до петти клас. По укинувањето на прилепската, школувањето го продолжил во битолската гимназија. Во тоа време станал голем љубител на белетристиката, а подоцна и на марксистичката литература.

Како средношколец почнал да пишува одредени текстови, а во 1938 година станал дописник на списанието „Подмладак“ од Крагуевац. „Влијанието на географските фактори врз формирањето на културата“ е насловот на неговиот текст објавен уште во првиот број на списанието, во којшто го применил дијалектичко-материјалистичкиот пристап.

Во 1939 година исполнувајќи ги желбите на семејството, се запишал на Медицински факултет во Белград. Тогаш револуционерното движење било во полн ек. Тој без двоумење, веднаш се приклучил. Иако немал желба да се истакнува, бил забележан од потесното организациско тело како храбар и одлучен, вешт оратор и со силно развиено чувство за колективен живот. Поради своите карактеристики, вештини и посветеност, тој бил примен за член на Комунистичката партија на Југославија. Меѓу првите задачи кои ги добил, било раководењето со групите за теоретско образование. Паралелно учествувал на сите демонстрации организирани во Белград, а покажал и организациски способности. За време на летните и зимските одмори, Борка држел состаноци и курсеви во Прилеп, комунистички и работнички состаноци, а пишувал и летоци.

Во 1940 година се одржала големата Илинденска демонстрација во Прилеп, после масовниот излет на Шаторов Камен. Борка Талески бил првиот говорник пред насобраната толпа народ во Прилеп. Пред народот зборувал за независноста и самобитноста на македонскиот народ и Македонија, a особено имал познавања од Илинденскиот период. Поради овој настан Борка бил уапсен од властите. Тој бил држен во затворот на Ада Циганлија во Белград, а потоа во логорот Ивањица. Тој бил затворен неколку месеци. По ослободувањето, Борка се вратил во Прилеп во својство на член на Месниот комитет на Комунистичката партија. Во меѓувреме, Борка бил секогаш во центарот на вниманието на полициските служби.

На 22 јуни 1941 година месниот комитет имал неофицијален состанок на рид во Прилеп. Таму Борка Талески зборувал за војната, односно судирот, помеѓу Хитлер и Сталин, како и за тоа дека советската победа е неизбежна. Таа вечер се договориле Месниот комитет да се сретне во проширен состав во месноста Шарена чешма, во домот кај извесен Бале. За тој состанок Борка Талески напишал убав, голем реферат. По состанокот подготовките за вооружена борба зеле забрзано темпо.

На Петровден, Прилеп бил преплавен со летоци, чии текстови главно биле напишани од Борка Талески. За ова полицијата била, на високо ниво, алармирана. Почнала потрага по Борка Талески. Но, не успеале да го уапсат.

Наскоро Борка Талески станал член на Бирото на ПК на КПЈ за Македонија во Скопје. Тој не прифаќал мешање на БКП во македонската партиска организација, поради што бил исклучен од активностите за зацврстување на партиските организации.

Од 9 до 19 октомври бил меѓу партизаните по планините околу Прилеп, во период кога е извршен нападот на Прилеп на 11 октомври 1941 година. Во 1942 година повторно оперирал во Прилеп.

Подоцна го пратиле на задача во Кавадарци. Таму станал близок соработник со Лазо Лавски. Двајцата оперирале според плановите на организацијата. Во 1942 година на патот Прилеп -Кавадарци, поради густа магла заглавиле во правец кон врвот на Козјак. Во меѓувреме слушнале дека кон нив наидуваат камиони. Поради предавство на тогашниот кмет на селото Царевиќ, Талески и Лавски биле опколени од фашистичките окупаторски сили и убиени. Талески починал во близина на селото Плетвар, на 2 март 1942 година. Според полицискиот билтен од 20 март 1942 година, предавството го извршил тогашниот кмет од селото Царевиќ.

На 11 октомври 1951 година Борка Талески е прогласен за Народен херој на Југославија од Македонија.

Вечна слава на херојот!