Конференција „Cobiss 2022“ во организација на ИЗУМ во Марибор

„Работиме заедно за да градиме доверба во науката и развојот“ е слоганот под кој се одржува годинешната конференција „Cobiss 2022“ во организација на словенечниот Институт за информатички науки (ИЗУМ) во Марибор, Словенија.

-Cobiss конференцијата ќе понуди многу интересни теми од различни научни полиња, од библиотечната наука до супер компјутерството, со оглед на тоа што во ИЗУМ се наоѓа најголемиот супер компјутер во Словенија. Како дополнување на главните теми, новите карактеристики на „Cobiss“ системот и многу други интересни теми ќе бидат презентирани од говорници од Словенија и странство, вели д-р Алеш Бошњак, директор на ИЗУМ.

Тој верува дека конференцијата ќе биде далеку поинтересна со оглед на фактот што годинава се одржува со физичко присуство на библиотекарите, ширум балканските простори, во земјите каде што е имплементиран кобис системот на каталогизација на библиотечниот фонд, вклучително и Македонија.

Во рамките на дводневната конференција ќе бидат презентирани вкупно 24 стручни излагања на соговорните, библиотекари, експерти во информатичката дејност и универзитетски професи кои во своите наставни програми на студентите им предаваат каталогизација и работа во „кобис“ системот.

Освен тоа, во текот на овие два дена ќе бидат разменети и многу нови искуства, нови знаења, кои се очекува да дадат одговор на предизвиците со кои се соочува библиотечната дејност во периодот по пандемијата на „ковид-19“.

На конференцијата присуствуваат околу 200 библиотекари, експерти од библиотечната и информатичката дејност освен од Словенија и Македонија, од Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска, а онлјан свои излагања имаат и екперти од Шкотска, како и членки на Интернационалната Федерација на асоцијации на библиотеки (ИФЛА).

Македонската делегација ја претставуваат деветмина претставници од НУБ „Свети Климент Охридски“-Скопје, од ЈОУ „Градска библиотека „Борка Талески“-Прилеп, од НУБ „Св. Климент Охридски“-Битола, од Библиотеката во Берово, а по еден репрезент од библиотечната дејност доаѓа од Филозофскиот факултет и Народна Банка на Македонија.

Конференцијата во Марибор се одржува традиционално по 23 пат.

Присутните покрај работниот дел имаат можност да ги посетат и културните споменици на градот, кој изобилува со богато наследство и раскошна архитектура, така што градот е посебен предизвик и за љубителите на културниот туризам.

19,10,2022 Моника Талеска

Марибор директор

ЈОУ ГБ „Борка Талески“

Прилеп