Фотомонографијата „Ченто- Биографија низ фотографија“

Од денеска нашата установа е побогата за едно извонредно издание со наслов: „Ченто – Биографија низ фотографии“ чиј автор е кустос советник Рубин Белчески, а издавач НУ „Завод за заштита на спомениците и Музеј“ – Прилеп.

Директорот на „Завод за заштита на спомениците и Музеј“-Прилеп, Горан Цветкоски заедно со авторот, кустос советник, Рубин Белчески денеска беа во посета на нашата установа, подарувајќи ни пет книги од оваа едиција.

-Ченто е мојот „човек за врски“, но во исто време, и јас ја преземам истата улога, прераснувам во „човек за врски“ на Ченто. Целта е едноставна, да го пренесам неговиот патриотски дух, неговата нескршливост, неговата љубов и желба за слобода и напредок, особено, кога работам за својата земја и својот народ. На неговите генерации, сакам да пренесам барем дел од од она што Ченто го носел во себе.

Фотографијата е вистински времеплов која на истражувачот му овозможува контакт со едно минато време. Преку замрзнати моменти, таа „зборува“ за разни случки и настани. Доколку пак се однесува на личност, без разлика кога фотографијата е создадена и дали сме ја познавале личноста или не, таа ни станува препознатлива и драга, а со тоа и емотивно поблиска, воедно, буди уште поголем интерес за „запознавање“ со личноста и нејзините карактерни особини. – вели авторот Белчески.

-Заслужува респект и податокот дека фотомонографијата „Ченто- Биографија низ фотографија“ е резултат и на соработката на авторот и неговата установа со потомците на Методија Андонов-Ченто и на меѓуколегијална и меѓуинституционална соработка. Очекувам фотомонографијата на Рубинчо Белчески да наиде на поволен одек и кај стручно-научната јавност и кај најшироката читателска публика и да ја збогати македонската историографија и унапреди македонската музејска дејност. – забележува рецензентот Слободан Беличански.

Авторот Белчески во 2018 година е добитник на признанието „Музејски работник на годината“ во Македонија, што го доделува Македонскиот национален комитет при Меѓународниот совет на музеите (ICOM), а по повод 18 Мај-Светскиот ден на музеите. Добитник е на највисокото општинско признание „3 Ноември“, што го доделува Општина Прилеп, како и на други награди и признанија.

Предавајќи ни ја оваа вредна донација, која што меѓу другото ќе ги краси и полиците на „Роднокрајната поставка“ на Библиотеката, директорот Горан Цветкоски денеска ја изрази подготвеноста и отвореноста на установата, за заедничка културна соработка и реализација на заеднички проекти со Библиотеката „Борка Талески“.

Директорката на Библиотеката, Моника Талеска, се заблагодари на донацијата од името на вработените и читателите.

-Наша чест е ова значајно дело да биде дел од трајната Роднокрајна поставка, освен примероците кои ќе бидат ставени на располагање на читателите. Воедно како установа сме секогаш подготвени за реализација на нови проекти, кои ќе ја збогатат книжевната и културна понуда не само за читателите, стручната јавност, туку и сите почитувани на културата, во нашиот град, во нашата земја – рече директорката Талеска.