Денови на COBISS 2022

Денеска во НУБ „Св. Климент Охридски“-Скопје, а утре во истоимената национална библиотека во Битола се одржуваат „Денови на COBISS 2022“ во Македонија. Директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“-Скопје, м-р Рахметула Куќи им посака добредојде во својот поздравен говор на гостите од Словенија, делегацијата од Институтот ИЗУМ од Марибор, предводен од директорот др. Алеш Бошњак, од БиХ, директорот на Националната и универзитетска Библиотеката во Сараево др. Исмет Овчина којшто е и претседател на Советот на ИЗУМ, и сите присутни учесници на денешната работна средба од сите библиотеки во земјава.
Библиотекари од Словенија и Македонија, во своите излагања посочија на развојната траекторија на COBISS во Македонија, од далечните 90-ти години на минатиот век, во рамките на поранешна Југославија, па до денес.

Со стручни излагања во сферата на COBISS тие ги презентираа бенефитите од употребата на сеуште недоволно искористени алатки, како и употреба на нови, кои што значително ќе го подобрат функционирањето на cobiss.mk во сите установи. Беа посочени и бенефитите од употребата на апликацијата cobiss.mk за мобилни телефони и членување во виртуелната „Моја Библиотека“ итн.

Претставници на компаниите „Инфо-Код“ и „Сензор“ презентираа нови софтверски решенија за брз и лесен попис на основни средства во библиотеките, како и брза и квалитетна услуга на читателите со примена на новите „смарт“полици, книгомати и други новодизајнирани решенија коишто се плод на блокадите на пандемијата, наменети за олеснување на релацијата: библиотека-читател.

Се на се, денеска во НУБ во Скопје се одржа една исклучително богата работилница со бројни стручни излагања, со што уште еднаш се потврдува дека библиотечно-информацискиот систем Cobiss во македонските библиотеки, иако можеби поспоро, адекватно на техничките и кадровски ресурси сепак се спроведува успешно.

Утре делегацијата од Словенија и БиХ, заедно со претставници од НУБ – Скопје продолжуваат со работна посета на Националната Библиотека во Битола.