На шест години од упокојувањето на Писателот, прилепчанецот Трајче Крстески, ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп, на настанот насловен „Светлина зад ридот“, со присет и почит, достоинствено и емотивно ги оживеја сеќавањата за писателот, поет, новинар Трајче Крстески. Во присуство на најблиските членови од неговото семејство, претставници од ДНУ- Прилеп, од Клубот на литературни творци – Прилеп, пријатели, вљубеници на пишаниот збор, ученици, за творештвото на авторот говореа професорката и писател Габриела Стојаноска Станоеска и писателот Петар Петрески. Фрагменти од делата на Крстески презентираше актерот Димитар Ѓорѓиевски.

„Денеска е 14 декември, за четири дена се навршуваат 6 години од упокојувањето на нашиот сограѓанин Трајче Крстески, реномиран македонски романописец, раскажувач, писател, поет, новинар, уредник, што би се рекло нема сфера каде што не е потврден, каде што не е докажан. Како градска библиотека одлучивме на ваков начин да оддадеме почит, со сеќавање со наслов „Светлина зад ридот“ според истоимениот роман, познат на сите нас, на македонската јавност, кој што подоцна е филмуван во серија со наслов „Опстанок“, по сценарио на Трајче Крстески. Има многу што да се говори за нашиот почитуван сограѓанин роден 1950 г. упкоен 2016 година. Во неговиот живот творел, создавал, го љубел нашиот град, на сите можни начини вложувал, оставал дел од себе, заминал порано, но ние сме тука да го чествуваме неговото дело. Одбележувајќи годишнина од неговото заминување, исто време го афирмираме неговото дело – роднокрајното творештво, го афирмираме македонскиот јазик, македонското творештво, македонската книжевност. Впрочем ја остваруваме нашата мисија како установа.“ – рече директорката Талеска во своето воведно излагање.
Крстески меѓудругото беше и долгогодишен уредник на списанието за литература и култура „Стремеж“, кое континуирано излегува веќе 68 години.

„Трајче Крстески беше посветен на промоција на најдоброто во македонската книжевност. На страните на списанието излегуваа нејновите текстови на еминентни наши писатели, научници, академици, а исто така, се профилираа и младите творци, литературни критичари, историчари на уметноста. Она што беше значајно за Трајче Крстески е дека секогаш беше поддршка и ги отвораше вратите и на роднокрајните автори и тоа важен му беше квалитетот на авторите. Воедно, Крстески се залагаше во списанието да биде застапена и преводната литература.
Тој беше еден исклучителен, даровит, необичен, иновативен, креативен автор, кој остави значаен, автентичен белег во сите книжевни родови и жанрови. Низ многуте дела тој ја опфати големата тема на отуѓеноста и ги поставуваше прашањата за човечките судбини, за смислата на постоењето и за единственото можно човекување низ хуманост во рамнотежа со природата и во постојан обид да се оствари дијалог со другиот наспроти себе. Да се разберат и прифатат другите, а преку нив и сопственото постоење.“- посочи Габриела Стојаноска Станоеска.

Иако Писателот веќе 6 години не е меѓу нас, со своето дело преточено во безброј раскази, многу романи, повеќе драмски текстови, песни и критички осврти, Трајче Крстески е во фокусот на интересот на читателите, посочи неговиот пријател Петар Петрески, писател и поранешен директор на библиотеката „Борка Талески“.
„Во една пригода во еден од нашите бесконечни разговори од ненадеж ми рече: ‘Ете и моето име е во деминутив’. Можеби со неговото име беше така, но неговото дело и по обем и по квалитет има драгоцен придонес во современата македонска литература и ги достигнува самите врвови на таа книжевност. Негов омилен автор беше Џејмс Џојс, особена почит имаше кон делото на Славко Јанески, кој му беше и личен пријател. По многу нешта Трајче беше уникатна личност, човечка и творечка индивидуалност, а поради неговиот отпорен карактер не ретко доаѓаше во судир со книжевниот естаблишмент.“- емотивно се сеќава неговиот пријател Петар Петрески.
На настанот во сеќавање на големиот писател, поет, новинар и уредник Трајче Крстески беше презентиран ликовниот портрет чиј автор е академскиот сликар, Тони Чатлески, а учениците од ОУ „Кочо Рацин“ од градот, ја презентираа својата проектна задача изработена во негова чест.

Според најавите во иднина, во Роднокрајното одделение во библиотеката „Борка Талески“, семејството на авторот, ќе подари негови лични предмети и записи, со коишто ќе го збогати овој оддел, каде што грижливо се негува и чува неговото творештво, како и творештвото на сите роднокрајни автори и автори кои создавале за Прилеп и Прилепско.
Активностите на библиотеката „Борка Талески“ во насока на афирмирање на делото на македонските писатели продолжува. Утре точно напладне во чест на кодификаторот на современиот македонски јазик, најголемиот македонски Учител, Блаже Конески, прилепските актери ќе читаат избор негова поезија, а Бранко Нешкоски ќе музицира на гитара.















