Поетско пладне „Убавите жени“ со поезијата на Блаже Конески

Несекојдневно емотивна и пријатна дружба на вљубениците на делото на безвременскиот Блаже Конески денеска се одржа во ЈО Градска библиотека „Борка Талески“ насловена како поетско пладне „Убавите жени“, според една од неговите најубави песни посветена на македонските жени.

Творечкиот опус на Конески секогаш е инспирација за творење, а со тоа и за интерпретација, бидејќи на таков начин уште повеќе ја доближуваме сржта на пораката од Конески „ Јазикот е нашата татковина“. На средбата делови од неговиот поетски и раскажувачки опус преку интерпретација оживеаја прилепските актери од Народниот театар „Војдан Чернодриски“: Илија Волчески, Даниела Иваноска, Александар Тодески, Наташа Ачански, Димитар Црцороски, Михајло Миленкоски, Ангела Наумоска, Димитар Георгиевски, Игор Трпчески.

Покрај прилепските актери и вљубеници на делото на Блаже Конески, на средбата присуствуваа и ученици од Основното училиште „Кочо Рацин“ кои што активно се вклучија интерпретирајќи негови песни, емотивно и токму онака како што тие го доживуваат овој безвременски македонски автор.

Поетското пладне „Убавите жени“ е дел од серијата настани на ЈО Градска библиотека Борка Талески за промоција на македонскиот јазик и култура, што ќе продолжи и во иднина.