„Бели мугри“ – беседа за великанот Кочо Рацин (1908-1943)

Во слава и чест на делото на македонскиот великан, на ден пред неговиот роденден ( 22 декември) денеска на пладне во ЈО Градска библиотека Борка Талески се одржа беседа, за присет, за почит, кон поетот, писателот, уредникот, борецот за човекови права Коста Апостолов Солев Рацин. И како би започнало беседењето за големиот Кочо Рацин, ако не со безвременските „Тутуноберачите“ и со „Печал“ во интерпретација на прилепските актери Марија Спиркоска Илиеска и Игор Трпески.

„Утрешен 22 ри декември во Велес, 1908 та година, во семејството на Солеви, се родил Коста. Го викале Кочо, Коста Апостолов Солев Рацин. Македонскиот великан на книжевноста, основоположникот, или еден од основоположниците на современиот македонски јазик. Истакнат македонски поет, великан, борец за човекови права. По само 35 години живот, а толку плодна активност, толку голем придонес за македонскиот опстој на 13 ти јуни 1943 та на патот кон партизанската печатница на планината Лопушник, кичевско, загинал од куршум од партизан кој ја чувал печатницата. Историјата сеуште не докажа дали е намерно убиен, дали е тоа случаен, несреќен настан. Но, во секој случај младиот живот згасна, а неговиот придонес, неговата филигрантска поетска тантела „Бели мугри“ остана наш светилник, патоказ, светилник за неговото постоење, потврда дека оваа Македонија имаше и има сеуште великани чие дело мора да го продолжиме. Неговиот млад живот е аманет дека мора да се грижиме за македонскиот код, за македонскиот јазик, книжевност, култура, историја. И кој би друг, ако не ние како Библиотека, како храм на книгата и на културата со еден ваков скромен настан и огромнажелба да продолжи неговото дело во секој од нас во зборот и стихот што го знаеме сите на памет од најмлади до најстари,“ рече Моника Талеска, директорка на ЈОУ Градска библиотека Борка Талески отворајќи го настанот.

„Секој народ ја пее својата песна“ така ја наслови својата беседа за Рацин, проф. др. Лорета Георгиевска од Институтот за македонски јазик, метафорично доближувајќи и отсликувајќи го неговото творештво и значењето за македонскиот културен и историски опстој.

Кога ќе се спомене Коста Рацин јас помислувам на Блаже Конески, без да имам некоја посебна причина и без некоја посебна конотација. Конески за Рацин вели: „Името на Рацин е кратенка на името на сите нас“. Овој исказ е поместен во предговорот на Александар Спасов во изданието на „Бели Мугри“ во 1981 година, со наслов „Секој народ ја пее својата песна“. Не треба многу за од овие асоцијации да заклучам дека македонскиот идентитет е втемелен во делото на Рацин, поточно да ги преточам во приказна направена во негова чест, во чест на каменот темелник на македонската современа поезија, меѓникот како што вели Митрев, кој гради мостови помеѓу минатото и иднината, грамадата, како што споменува професор Павловски, човекот кој ја испеа нашата македонска песна, втемелена колку во традицијата,толку и во иновантноста, колку во колективното, толку и во личното. Ако би требало да создадам слика од она што подразбирам под терминот традиција, за поезијата на Рацин, тоа би го претставила како слика со сплет од раце кои низ текот на времето си подаваат еден единствен предмет. Секоја рака го пофаќа, на предметот нешто му додава, додавајќи нешто брише, па она што било ситно, скоро невидливо, матно, одеднаш испакнува, станува крупно, со тоа видливо. Одејќи од рака на рака, предметот ја губи првобитната мазна површина, станува рапав, набразден, со вдлабнатини. На него се таложат слоеви, се ѕиркаат облиците создадени од претходните раце, се наговестуваат идните… Таа рака која што подава, и која пофаќа е метафора на она што Рацин претставува не само за континуитетот и развојот на македонската литература, туку и за она што сме, што сме биле и она што сакаме да бидеме. Тој ја испеа нашата, македонска песна, поврзувајќи се со традицијата, пренесувајќи фолклор и итајќи кон иднината преку експрезионизмот, посочи меѓу другото проф. др. Лорета Георгиевска во своето излагање за ликот и делото на великанот Рацин.

На настанот присуствуваа вљубеници и почитувачи на убавиот збор, како и ученици од училиштето чиј што патрон е токму Кочо Рацин, кои во негова чест интерпретираа лични творби посветени нему.