Постхумно промовирана книгата „Чест и вест“ од бардот на македонското новинарство Тачко Локвенец

За новинарството: Едни сакаат да ја знаат вистината, други не сакаат. Кој ја сака вистината? Јавноста! А кој не ја сака? Власта! И ете го неизбежниот конфликт. И тука нема брзи и едноставни решенија. Првата сила, власта е многу моќна, а четвртата сила новинарството не е аутсајдер, но копјата за борба се поткршени. Тачко Локвенец „Чест и Вест“

Последното дело на прилепскиот новинар и писател Тачко Локвенец „Чест и вест“ денеска доживеа промоција во Градската библиотека „Борка Талески“ и уште еднаш, по кој знае кој пат, потсети за големината, но и за едноставноста, за значењето, но и за потребата од новинари каков што беше Тачко Локвенец. Книгата „Чест и вест“ е посветена на новинарството воопшто, планирана од Локвенец, а уредена од неговата ќерка Емилија Локвенец. Во присуство на неговото семејство, новинари, пријатели и почитувачи на делото на Локвенец, за неговиот новинарски и писателски раскошен опус говореа колегите Иван Бојаџиски и Ерол Ризаов. Повеќедецениското пријателство преку колегијалната поврзаност и за двајцата нив било проткаено со поттик за лично новинарско творење во јавниот простор.

Бојаџиски: Тачко беше новинарска институција сама по себе, и сама за себе

  • Тачко не е само врвно журналистичко перо, туку е голем човек во секој смисла на зборот, интелектуалец, личност неверојатно добро информирана за било која тема во општеството која беше актуелна. Сакајќи да го отсликам Тачко со една реченица, ќе го цитирам Габриел Гарсија Маркез, кој во една прилика ќе рече: „Јас никогаш не го напуштив новинарството, затоа што никогаш не успеав да ја направам разликата помеѓу новинарството и литературата.“ Затоа мислам дека Маркез точно го опиша нашиот Тачко, бидејќи тој беше новинар чии што текстови беа во рангот на мали литературни бисери, по стилот, по јазикот, по составот на реченицата, по длабочината на мислата, по пораката која преку своите новинарски приказни ја испраќаше од Прилеп до целокупната македонска јавност. Тој беше најчитаниот новинар дописник на Нова Македонија. Во големото новинарско дело на Тачко посебно би сакал да ги издвојам белешките и новинарски репортажи во кој беше неговиот прилепски херој Рампо, но и текстовите под наслов „Во Прилеп се зборува и молчи“, со акцент на она што се молчи. Тачко во неговите 40 тина творечки години беше новинарска институција сама по себе и сама за себе. Секој негов текст вест, преку интервјуа, коментарите, репортажите, беше израз на големо мајсторство ставено на хартија и пуштено во јавниот простор како приказна напишана на јасен, прифатлив и разбирлив говор за секого. Тачко им веруваше на луѓето, но кога стануваше збор за новинарството, тој на никого не му даваше бланко доверба. Како голем професионалец тој прво ги проверуваше фактите пред да напише, а потоа и да го потпише својот текст.

Македонскиот новинарски бард Локвенец чија што посветеност и љубов кон журнализмот започна од 1961 та година и траеше се до крајот на неговиот живот 2021 та година, по начинот на кој што ги твореше беше едноставен, допадлив и прониклив. Ја негуваше и ја надоградуваше тенката граница меѓу новинарството и литературата, посветено и неуморно.

Покрај весникот „Нова Македонија“ Тачко Локвенец работеше и за „Студенски збор“ за „Млад борец“, за „Трудбеник“ и за други списанија во поранешна Југославија.

Ризаов: Тачко мајсторски ја доловуваше вистината!

  • Кога јас почнав во новинарството, Тачко беше веќе име. Јас сонував да имам име како неговото. Тој уште при првата средба направи да се чувствувам рамноправно, а тоа е голема работа кај колегите, бидејќи провејува таа суета во нашата професија. Но Тачко немаше таква суета, а тоа се гледа и од ова негово последно дело, посветено на новинарството, каде најмалку има негови текстови. Од една страна се радувам што оваа книга е објавена, а од друга страна имам таговна жица во себе што Тачко не е тука. Ние имавме среќа или несреќа да живееме во два системи, во две различни држави и токму по половина од нашите работни анганжмани припаѓаат на двата системи. Ако поранешниот систем нешто криел, премолчувал, а некој тоа го објавил пред нас, тогаш срамот е голем, тогаш луѓето ќе видат дека нешто не е во ред со државичкава наша, со нашето новинарство. Меѓутоа Тачко знаел тоа да го опее,тој пишуваше репортажи и преку луѓето, преку разговорите, низ чаршијата, умееше да го прикаже тоа што беше забрането. Тоа е најважното, да најдете начин дали преку Рампо, дали преку други новинарски форми да ја доловите вистината ја чувствуваат и бараат идентификација во тоа што ќе го прочитаат и да кажат: „Браво, еве ова е тоа што јас сакам да го видам и да го чујам.“ Тачко тоа мајсторски го правеше!

Талеска: Тачко Локвенец беше човек – новинар!

  • Тачко Локвенец не сакаше промоции и од своите публикувани дела кои што го красат роднокрајниот оддел на нашата установа, тој секогаш велеше: „Сакам да пишувам, сакам да создавам, да се чита, но не да се слави тоа што го работам. Не треба за мене да се зборува, јас треба да зборувам за градот, за луѓето, за настаните. Беше ретко скромен човек кога станува збор за себе. Со максимално достоинство, со дигнитет на човек, на новинар, знаеше да го испочитува секого. Почнувајќи од пазарџијата, од чевларот, од берберот, касапот, бидејќи беше еснаф човек. Пазареше секогаш во чаршијата, кафето си го пиеше во чаршијата. Новинарството не е професија, туку е стил на живот. Тачко Локвенец до својот последен момент беше човек – новинар. Беше исклучителен интелектуалец, би рекла интелектуален џентлмен, затоа што знаеше во вистинска смисла го перципира доброто во човекот. Не дека немаше објективна критика и призма, но тие зборови ги голташе. Тој секогаш и секаде можеше да го види доброто и на јавноста да и’ го презентира доброто.

Тачко Локвенец за новинарството: Едни сакаат да ја знаат вистината, други не сакаат. Кој ја сака вистината? Јавноста! А кој не ја сака? Власта! И ете го неизбежниот конфликт. И тука нема брзи и едноставни решенија. Првата сила, власта е многу моќна, а четвртата сила новинарството не е аутсајдер, но копјата за борба се поткршени. Извадок од „Чест и Вест“

На промоцијата извадоци од книгата читаше актерот Игор Трпески, а беше презентирано визуелизирано едно од ретките, а последно аудио интервју на Тачко Локвенец со Моника Талеска.