За модата и модните движења проткаени низ времето, просторот и во музиката денеска во салата на Градската библиотека се говореше како во „дневна соба“, а публиката уживаше во изведбите на Добрила Грашеска, солистка од Чалгија Саунд Систем. Повод – 100 години од раѓањето на модната икона Пјер Карден, настан насловен „Низ парадигмата на модната икона Пјер Карден“.
Италијанскиот моден визионер, Пјер Карден предводник на светската модна сцена во негово време, беше инспирација за професор доктор Катерина Деспот од Универзитетот Гоце Делчев Штип и професор магистар Александар Рашкович од Факултетот за драмски уметности Скопје да се проговори на тема „Простор, облека и музика“ и каде Македонија се наоѓа во димензијата време.
- Се наоѓаме некаде на средина и тежнеме кон подоброто или кон повисокото или кон врвот. Меѓутоа сепак морам да бидам искрен и да кажам дека самото општество не им овозможува на младите и стручните кадри да се произнесат точно во овие сегменти. Не случајно треба да се спомене дека државни институции кои што се занимаваат со уметност, што сцена, со театар со музика немаат вработено костимографи, сценографи,стилисти итн.Замислете една Македонска телевизија која што имаше вработено 4 или 5 костимографи, 10 асистенти, шивална од 30 вработени, секакви стручњаци и машки и женски шивачи и кројачи, денеска нема вработено ниту еден гардеробер кој што ќе се грижи за облеката на вработените кои што јавно треба да презентираат било какви емисии. Значи самото општество или политиката, министерството за култура и незнам кого повеќе да спомнам треба малку поинаку да ги гледа работите во однос на овој визиелен пристап и да направи цела една државна стратегија која што ќе биде нормално долгорочна. Ние нормално не можеме тоа да го направиме за многу брзо време, но ќе треба да ја исправиме оваа грешка која што сме ја направиле веројатно со распад на претходната држава и рушење на тие критериуми и вредности кои што сме ги научиле во тоа време, посочува проф. м-р Александар Рашкович од Факултетот за драмски уметности Скопје.

Потребни се стандарди, код на однесување во просторот преку облеката која говори за културата на однесување. На тој начин не само поединци кои се визионери во различни сегменти од уметноста и културата, туку и колективната свест би добила друга димензија.
- Можеби ни треба интеракција,според мене најмногу.Ако ние функционираме секој во својот дел како едно добро јадро тогаш би имале резултати. Ако секој би се надополнувал во тоа кое го може и го испочитува тоа кое што некој друг повеќе го може само така може да имаме некој напредок. Вака во овој момент на наше живеење се претставуваме како индивидуалци. Значи тој индивидуализам не’ носи според мене во погрешна насока. Ако функционираме сите овие, дали е музика, дали е простор, облека и сите овие дизајни функционираат и затоа и се поставени за да бидат заеднички, а не да бидеме индивидуалци, вели проф. д-р Катерина Деспот од Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип.

Во „дневната соба“ посветена на модата се говореше за времињата минати кои оставија белег во секој град поединечно и во секој за себе, со вткаен македонски код во подготвување на облеката со постоењето на шивачи, шнајдерки, шапкари, занаети кои денес за жал се ретки.
- Во Македонија кога говориме за мода постои еден континуитет кој што не можеме да го одбегнеме. А тој постои во народната носија, во индивидуалниот пристап кон создавањето на народната носија, симболите што таму се ставани, или во народната песна. Меѓутоа постои еден период од нашето живеење во кој што се вели се прикинува со сето она што е старо. Еден етно – музиколог Душко Димитровски вели вака: „Во 50 тите години од минатиот век еден дедо се шета со своето внуче, држејќи го за рака.Внучето се врти кон некој звук на гајда, некој човек си свири со гајда на улица. Детето е заинтересирано, сака да слушне, да појди поблиску до гајдаџијата. Дедото го фаќа за рака, го тргнува зад него и му вели: „Доста со тие гајди!“. Мислам дека овде има една голема вистина во однос на прекинувањето на тој континуитет. За среќа ни културолошки можеме сега да зборуваме дека постојат индивидуалци кои се образувани,учени и кои што знаат што е вредно. Значи образованието е најважно, историјата итн, за да се направи вкус. Па дури и од невкусот да се внесе со одредена доза на одмереност, рече Добрила Грашеска, инаку дипломиран професор по светска книжевност.
Инаку, светската модна икона Пјер Карден е италијански- француски моден творец кој е роден на 2 јули 1922 година, во во близина на Торино, а починал на 29 декември 2020. Карден беше познат по неговиот авангарден стил и неговите космички дизајни. Претпочитал геометриски форми и мотиви, често занемарувајќи ја женската форма, ја напреднал унисекс модата,понекогаш експериментална и не секогаш практична. Пјер Карден беше назначен за амбасадор на добрата волја на УНЕСКО во 1991 година.







