Одбележуваме 80 години од смртта на нашиот сограѓанин, Али Фети Окјар, маркантен лик во турската историја и држава

ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп, Завод и Музеј – Прилеп и Општина Прилеп, со заеднички влог и соработка, ја одбележаа 80 годишнината од смртта на истакнатиот политичар, дипломат, војник, демократ Али Фети Окјар (1880-1943), наш сограѓанин, близок соработник на турскиот претседател Кемал Ататурк (1881-1938).

Али Фети Окјар е роден во Прилеп на 29 април 1880 година и овде поминал еден дел од своето детство. Во својата богата кариера бил два пати премиер, еден период ја извршувал функцијата претседател на турското Собрание, пратеник во парламентот бил во текот на 5 мандати, министер за внатрешни работи и министер за правда. Во својата дипломатска кариера бил амбасадор на Република Турција, во Англија, Франција и Бугарија.

На ова прво сеќавање посветено на овој истакнат турски политичар, инаку близок роднина на академик Луан Старова (1941-2022), присуствуваше делегација од Република Турција, преводена од турскиот амбасадор во Р.С. Македонија, Н.Е. Хасан Мехмед Секизќок и внукот со исто име, Али Фети Окјар.

Амбасадорот Хасан Мехмед Секизќок, во своето поздравно обраќање, заблагодарувајќи се на иницијативата во родниот град на Окјар да се одржува сеќавање на 80 годишнината од неговото заминување, се осврна на ликот и делото на Окјар, како близок соработник на Ататурк.

Директорот на Завод и Музеј – Прилеп, Горанчо Цветкоски, во оваа прилика го најави и проектот, со наслов: „Али Фети Окјар- истомисленик и соработник на Ататурк“, со кој установата конкурираше и доби финанска поддршка во годинешната Програма на Министерството за култура. Автор на проектот е историчарот, кустос советник, Рубинчо Белчески.
Белчески хронолошки со богата фототека го презентираше животниот пат на Окјар.

  • Проектот од Министерството беше препознаен и како можност за развивање на меѓуинституционална и меѓунационална соработката во Македонија, но и соработка со Република Турција, преку ликот и делото на една личност. Жалам што академик Старова не напушти и ќе ми биде многу потешко без него во реализацијата на проектот. Во секој случај ќе се обидам и ќе работам ликот на Али Фети Окјар, да го доловам со целата своја светлина, – рече Белчески.

Благодарност за организацијата изрази и внукот, проф. д-р Али Фети Окјар.

  • Благодарам за одржувањето на оваа комеморација посветена на дедо ми, кој е роден овде во Прилеп. Тоа ме прави посебно горд. Овој настан сметам дека ќе придонесе и за поголема поврзаност меѓу двете земји, – рече внукот проф. д-р Окјар.

Директорката на Библиотеката, Моника Талеска во своето излагање со наслов „Прилеп во фокусот на македонско-турската книжевност и култура“ го стави акцентот на историската и културолошка поврзаност, меѓу двете земји со своја автентичност и уникатност.

  • Денеска на овој реквием, посветен на демократот и великан на турската држава, музиката ја заменуваме со наратив полн со пиетет за нашиот сограѓанин, Али Фети Окјар. Денес кога двете држави Македонија и Турција испишуваат страници на билатерални релации кои се темелат на пријателство и соработка, колку во економската, толку и во културната сфера, со задоволство наместо вовед, ќе го цитирам македонскиот великан, Гоце Делчев: „Јас го разбирам светот, како поле за културен натпревар меѓу народите!“, – рече Талеска.

На крај на настанот со посебен пиетет кон ликот и делото на Али Фети Окјар, почит кон гостите од пријателска Република Турција, преводени од амбасадорот Хасан Мехмед Секизќок, на присутните им се обрати градоначалникот Борче Јовчески.

  • Особено задоволство ми е што во мој мандат одбележуваме, оддаваме почит на овој поборник за демократија, со либерален поглед на светот, зашто тој заслужи почесно место во својот роден град. Oваа година кога се одбележуваат 100 години од прогласувањето на Турција за Република, 85 години од смртта на Мустафа Кемал Ататурк, ние сме горди што заедно со нашите пријатели oвде во Прилеп, одбележуваме 80 години од упокојувањето на Али Фети Окјар, еден од најмаркатните и најзначајни личности за современа Турција, но и за Прилеп.

Денеска одбележуваме 80 години од неговата смрт, но со мислите, духот и со огромна почит кон неговиот лик и дело, како политички либерален човек, кој вложувал големи напори за унапредување на демократијата, либералните погледи и фамилијарните вредности – нашиот сограѓанин Али Фети Окјар, го враќаме дома, овде во Прилеп, во градот каде што се родил и го поминал своето детство и ќе направиме се’ за да го чуваме споменот за него, како роден прилепчанец. Ако Битола ја има Спомен-собата на Ататурк, ние ќе се заложиме да направиме достојно спомен обележје на Али Фети Окјар, овде во нашиот Прилеп. Во таа насока нашата локална самоуправа во соработка со институцијата Завод и Музеј – Прилеп, ќе ги поддржи иницијативите, формите и активностите кои ќе бидат предложени за афирмирање на ликот и делото на Али Фети Окјар. Би сакале, тој да биде препознатлив и запаметен дел од нашата култура и да стане незаборавен спомен – фигура во нашата прилепска историја, како значајна личност за Прилеп и Македонија, преку чиј лик и како град и како држава, би изнаоѓале форми за заеднички средби и би придонеле кон продлабочување и зацврстување на меѓукултурната и меѓуинституционалната соработка со Република Турција, -рече градоначалникот Борче Јовчески, најавувајќи ја својата поддршка во реализација на конструктивни иницијативи кои ќе ги јакнат пријателските економски и културни релации со Р. Турција и во перспектива.

Иницијативата за одржување на оваа прва комеморација посветена на турскиот великан, а наш сограѓанин, потекна од Завод и Музеј – Прилеп, беше сестрано институционално поддржана и реализирана и од библиотеката „Борка Талески“ и Општина Прилеп.

ЈОУ ГБ „Борка Талески“ – Прилеп, се заблагодарува на нашата сограѓанка Мелани Ристеска, студент во Турција, за успешно реализираниот консекутивен превод на дел од обраќањата на настанот.
Благодарност и до Жарко Ристески, за неговиот максимален влог во реализацијата на овој настан.

фото: Општина Прилеп