Биста на Коле Чашуле (1921-2009), дело на академик Томе Серафимовски е новиот раритетен експонат што од денеска ја краси поставката на библиотеката посветена на роднокрајниот автор, Чашуле. Овој експонат припаѓа на раритетната и роднокрајната збирка на установата во исто време.

Претседателката на Собранието на МТФ „Војдан Чернодрински“ Ана Стојаноска, бистата и ја предаде на библиотеката.
- Годинава автор во фокус на МТФ „Војдан Чернодрински“ е Коле Чашуле, автор на првата македонска современа драма „Вејка на ветерот“. Градската библиотеката изложува ретка и роднокрајна збирка дела од Чашуле. Во тие рамки Фестивалот и подарува на библиотеката експонат-биста на Коле Чашуле,изработена во бронза, дело на академик Томе Серафимовски. Оваа биста е подарок за фестивалот, од семејството, сопругата на Коле Чашуле, професорката Јелена Лужина, а фестивалот ја подарува на библиотеката,-рече меѓу другото Ана Стојаноска, на свеченото отворање на изложбата во библиотеката.
Директорката Моника Талеска заблагодарувајќи се на вредниот подарок, истакна дека тој експонат наскоро ќе биде дел од пообемната поставка на установата, посветена на роднокрајниот автор, Коле Чашуле.

- Благодарам од името на сите вработени на претседателката на фестивалот Ана Стојаноска, на г-ѓа Јелена Лужина за овој вреден експонат и за досегашните подароци: дела, бележник, документи од семејната поставка на Чашуле, кои ќе го красат роднокрајниот, раритетен оддел на установата, вградувајќи се во вредното културно наследство со кое располагаме како установа. Библиотеката располага со околу 1000 раритетни книги, од нив 200 се дела кои ја раскажуваат историјата на Прилеп, Македонија, носат многу информации за минатите случувања на овие простори. Поставката содржи и бројни дела на многу јазици: англиски, француски, руски, бугарски, српскохрватски и др. кои доаѓаат речиси од сите континенти и кои што раскажуваат разни приказни за народите во светот, – рече Талеска.
Таа истакна и дека за установата и градот особено е значаен фактот што раритетната поставка содржи дела кои што се зачувани од 1867 година, со печат на првото народно читалиште „Надежда“, отворено во Прилеп, чиј контиунитет е градската библиотека, официјално регистрирана како правен субјект, на 22 октомври 1945 година и која што успешно функционира до денес.

Новата трајна поставка со која библиотеката „Борка Талески“ ја збогати својата понуда за читачката и културна јавност на Прилеп, содржи 50 фотографии со речиси 200 раритетни книги.
Освен оваа, библиотеката располага со уште една трајна поставка на фотографии, посветена на старите прилепски занаети, чии автори се фотографот Александар Десоски и Моника Талеска. Поставката беше промовирана во 2019 година, по повод националниот празник „11 Октомври“. Талеска, која е автор на проектот, со наслов „Да ги зачуваме старите занаети на Прилеп“, финансиран од Министерството за култура, поставката (2019-та) ја подари на библиотеката „Борка Талески“.






















