Промоција на „Македонски погледи“ на двајца дипломати

„Македонски погледи“ е збирка поезија, чии автори се двајца дипломати, заменици амбасадори, на Кралството Шпанија, Ернесто Ередеро Дел Кампо и на Република Италија, Марио Де Роза. За време на својот мандат во нашата земја, тие одлучиле да го создадат ова дело, кое што е преведено на четири јазици, македонски, шпански, италијански и англиски и е инспирирано од убавините на Македонија. Првата промоција на делото се одржа во библиотеката „Борка Талески“-Прилеп. Стихови читаше Игор Трпчески. Промотори на делото беа Дарко Ангеловски и Климентина Ѓорѓиоска.

-Книгата има вкупно 33 песни, кои беседат за пријателството и љубовта. Делото според својата содржина ги надминува јазичните бариери, бидејќи поезијата е говор на душата и срцето, рече промоторот Дарко Ангеловски. -„Македонски погледи“ може да се каже дека е sui generis збирка на поезија, токму поради дијапазонот на погледи кои егзистираат меѓу видливото и невидливото, јазичната мешавина, диверзитетниот профил и професионална позадина на авторите, преведувачките, уредниците, уметниците и сите оние кои се дел од реализацијата на овој проект. За анализа ги избрав песните „Лифт“ и „Крстот на Водно“со оглед на тоа што авторите со својата перцепција ги трансформираат и репродуцираат визуелните и колористички топоси на македонскиот колективен менталитет и душа.- рече промоторката Климентина Ѓорѓиоска, која што и еден од преведувачите на збирката.  Градоначалникот Борче Јовчески, честитајќи им на двајцата дипломати за нивното заедничко дело, а особено за фактот што дел од песните се посветени на Прилеп и Прилепско, ја потенцираше улогата на културата во градење пријателски релации со Кралството Шпанија и Република Италија, а во тие рамки и местото на Прилеп.-На овие простори се испреплетуваат културните придобивки од антиката, за што сведочи локалитетот Стибера, овде христијанството оставило длабоки белези уште во 9 век, во манастирот Зрзе, подоцна во Трескавец, Свети Никола … преку 70 остатоци на цркви во Варош, потоа Маркови Кули, најголемиот споменик на културата, Старата Прилепска Чаршија, Градскиот саат и низа други обележја, го прават овој град -средиште во кое се негуваат културните вредности и традицијата. Град каде се раѓаат нови пријателства, чии корени растат, допирајќи ги сите меридијани на светот. Потврда за тоа е и оваа наша, денешна заедничка дружба. Оваа книга е уште еден доказ за трајното пријателство меѓу Италија, Шпанија и Северна Македонија. Нивната соработка ја прикажува длабоката интеракција помеѓу културите, спојувајќи ги нишките на италијанските и шпанските традиции со богатото ткиво на македонското културно благо. Оваа книга создавана токму овде во Македонија, е потврда за едно патување кое ги минува границите и не обединува сите, да споделуваме заеднички искуства и културни аспирации.-рече градоначалникот Борче Јовчески.

Двајцата дипломати изразија огромна благодарност за топлото добредојде во Прилеп. Не криејќи ги емоциите во своите говори, акцентираа: -Оваа ќе биде, засега, мојата последна посета на овој прекрасен град, чии пејзажи ме потсетуваат на мојот регион во Шпанија, на мојата родна Кастилја. За еден месец ќе заминам во нова земја, нова дестинација, но секогаш со мене ќе го носам најдлабокото нешто, што некој може да го земе од едно место: душата на нејзиното уметничко творештво и пријателството на неговиот народ. Колку многу, на Марио и мене, ни е драг, Прилеп, каде што пред неколку месеци на поетскиот слем прочитавме неколку песни од оваа книга. Не случајно, ова е местото избрано во оваа земја да ја претставиме нашата заедничка поетска книга, македонски погледи.- рече Ернесто Ередеро Дел Кампо.-Прилеп е меѓу местата кои ми се најдраги во оваа извонредна земја. Размислував многу, во последните месеци, за тоа како се роди овој проект. Приказната за оваа книга е на некој начин, за мене како еден од нејзините автори, една од најинтересните и најбогатите работи во моето сега веќе двегодишно искуство во оваа земја. Проект начнат речиси како шега, од вежба што би можеле да ја дефинираме како интелектуална, меѓу двајца дипломати, двајцата љубители на поезијата, кои почнаа да си ги преведуваат, малку по малку, стиховите еден на друг… се додека, наместо да ги преведуваат, решија да ги напишат. Проект поврзан и зајакнат со пријателство кое сега, како што веќе кажав при презентацијата на книгата на Ернесто, „Тегобност“, речиси стана братство, бидејќи како што секогаш велам, а и како што напиша Ернесто, „Пријателите се браќата што ги избираме“. Во оваа книга ќе најдете фрагменти, портрети… погледи, всушност, на многу различни македонски места. Ќе го видите крстот на Водно и можеби ќе ја препознаете магичната атмосфера на манастирот Зрзе. Ќе го почувствувате ветрето како дува на Дојранското езеро и којзнае… ќе се забавувате погодувајќи што е познатата филозофска кафана во Гевгелија – место кое навистина постои. Но, кога го кажав тоа, во овој проширен простор, кој е поетски простор, ќе ја најдете и човечката димензија, кревкоста, несовршеностите на животот на човечките суштества, какви што сме сите ние, кои понекогаш, како што напишав, се чувствуваат малку. повеќе од „куфери, на аеродром, на ленти.- рече Марио Де Роза, понесен од емоциите, говорејќи за лајт мотивот на ова нивно заедничко дело.

Директорката на библиотеката, Моника Талеска, како модератор на настанот на крајот на промоцијата порача: -Почитувани екселенции, вашата посветеност кон културата, кон пишаната уметност ги заслужува сите комплименти. Со споделување на вашата поезија со нас, вие не само што ги збогативте нашите животи, туку и ги зајакнавте врските на разбирање и пријателство меѓу нашите народи. Вашите зборови ги допреа нашите души и оставија неизбришлива трага во нашите срца. Вашето поетско патување нека продолжи со својата мисија, да ги инспирира другите, а вашето дело нека биде доказ за трајната моќ на зборот“, рече Талеска.

Меѓу гостите на овој настан беа учениците кои учат италијански јазик во гимназијата „Мирче Ацев“ со своите професори и со директорката Весна Михајловска. На промоцијата присуствуваа и претставниците на Конфиндустрија – Северна Македонија, бизнисмените, Рикардо Рајноне и Енрико Рајноне, кои што развиваат бизнис релации со македонското стопанство. Се на се, овој настан во градската библиотека беше пример како културата станува алатка на јавната дипломатија.