Островот со исчезнатите дрвја

Почитувани читатели, овој пат се одлучивме да ви предложиме уште едно дело од познатата и талентирана турска авторка, Елиф Шафак со наслов:

„Островот на исчезнатите дрвја“.

 Легендите, како што се говори, постојат за да ни го раскажат она, што историјата го заборавила.

Овој пат, приказната почнува да се плете, не така одамна, гледано од историска дистанца, во втората половина на XX век, поточно во 1974 година на островот Кипар. Таму, Гркот Костас и Турчинката Дефне кришум се среќавале во меаната „Среќна смоква“ среде која се извишувало едно дрво, кое сведочело за војната која што се разгорувала на островот и водела до негова поделба, а младите поради тоа биле принудени да се разделат.

Дваесетина години подоцна Костас се вратил во главниот град на Кипар, во Никозија, како успешен ботаничар. Судбината сакала да се сретне повторно со својата „изгубена“ љубов. Денфе и Костас донеле одлука овој пат, да заминат заедно во Лондон, а со себе понеле гранче од старата смоква.

Животот минувал. Кога нивната ќерка наполнила 16 години, а Дефне го напуштила земскиот живот, наследничката почнала да трага по одговорите за многу непознати, за неа. Единствената врска што оваа млада девојка ја имала со своите корени, во земјата на своите предци, била смоквата во дворот. Животот на патот и донел неочекувана гостинка за новогодишните празници. Таа подготвувајќи традиционални кипарски рецепти, зачинети со срдечноста и топлината на кипарскиот народ, го излекувала семејството од тага и зачмаеност, внела сонце во годините завеани со тајни, молк и разделби.

И својствено за авторката Шафак и нејзиниот филигрантски ракопис, пластично создавајќи ја оваа раскошна, магична приказна за припадноста, идентитето, за љубовта и траумите, сеќавањата и заборавот, уништувањето на човештвото и природата, за обновата и исцелувањето, отсликувајќи ја биполарноста на светот, во кој за секоја „рана има лек“, авторката не води до крајот…

Уживајте во овој избор! Елиф Шафак, уникатна по својата авторска дарба!

ЈОУ ГБ „Борка Талески“, ви посакува убав викенд!