Сагата за Рајна

На почетокот на оваа работна недела, драги наши читатели, ви најавуваме интересен роман со наслов „Сагата за Рајна“, чиј автор е Оља Петрушевска-Томева, што наскоро ќе може да го зајмите од нашата установа.

Овој роман е базиран на вистински настани и вистинската животна приказна на Рајна Алексова, првата школувана аптекарта не само во Македонија, туку и на целиот Балкан.

Родена во 1883 година во Битола, по тешкото детство и смртта на нејзините родители, таа праоѓа радост единствено во учењето и цврсто решава да го исполни ветувањето дадено на нејзината покојна мајка, дека ќе стане „некој и нешто“.

Со неизмерна љубов за нови знаења, Рајна урива бариери и стереотипи во Османлиското Царство. По завршување на Француската гимназија во Солун, нејзиниот постар брат Ристо Шпицарот (на турски „аптекар“) ја отворил првата аптека во Битола. Тој бил трговец и приучен аптекар. Одлучил во 1902 година, својата сестра Рајна да ја одведе во Лозана, Швајцарија, каде ја запишал на Фармацевтскиот факултет. Таа била пресреќна, со надеж дека по дипломирањето заедно со брат и ќе ја водат аптеката.

Рајна се вратила во Битола, со европски манири, како дипломирана фармацевтка. Но, нивната радост траела кратко. Откако до тогашната управа на Битола, стигнала веста, дека „каурка“ станала аптекарка, започнале тешки денови за Рајна, која што тогаш била најучената жена во градот на конзулите.

Турските власти не и дозволувале да ја извршува фармацевтската професија. Но, Рајна не се откажувала од своите намери. Тука започнала животната сага на Рајна.

Овој роман ги открива семејните радости и таги, болки и страдања, скршени срца и залечени рани и надежи …
За да ги откриете тајните од животот за најучената прва жена во Битола во времето на Османлиското Царство, читајте ја „Сагата за Рајна“.