82 години од грозоморното убиство на Борка Талески, патронот на нашата библиотека

                    

Денеска, 2 март 2024 година, се навршуваат 82 години од грозоморното убиство на нашиот патрон, народниот херој Борка Талески (1921-1942) во месноста Чашка, непосредно до Прилеп.

Осум децении по смртта на овој млад и авангарден човек, градската библиотека и градската болница во неговиот роден град, го носат неговото име, го чествуваат со пиетет неговото дело, делото на херојот којшто иако живеел само 21 година со своите идеи, заложби, делување и учество во НОБ, оставил неизбришиви траги во македонската историја и антифашистичката борба за слобода на македонскиот народ и формирање на македонска држава.

Загинал во заседа на Плетвар, откако бил предаден од кметот од с. Царевиќ. Во свирепо убиство се изрешетени двајцата народни херои во ист момент, соборците Лазо Филиповски Лавски и Борка Талески.

За време на својот прекраток млад живот, го красат епитетите за чесност, борбеност, правдољубие. Тој е идеолошки посветен на идејата за еднакви права на сите граѓани, посветен на комунистичката идеологија и со револуционерни идеи дејствувал во борбата против тогашниот окупатор на сите можни начини.

Тој е еден од организаторите на востанието кое почна на 11 октомври во Прилеп, со напад на бугарскиот затвор, полициската станица, со кинење на телефонските жици …

Прилепчани се првите кои го кренаа гласот и со оружје во рака, се спротивставија, почнувајќи ја битката за слобода на својот поробен и обесправен македонски народ.

Меѓу нив, вечно ќе се памети Борка Талески, кого другарите го препознавале по прекарот Црното или Модерното. Роден е во Прилеп, во семејството на еден од тогашните фурнаџии Тале, како син на Спасија и Петар. Неговото семејство е скромно, но, не сиромашно за тие времиња.

Неговите природни дарби доаѓале до израз уште во првите години, во основно образование. Кога дошол до пети клас, гимназијата во Прилеп била укината, па школувањето го продолжил во соседна Битола. Таму завршил средно училиште. Очевидни биле неговите афинитети за белетристиката, а подоцна и за марксистичката литература.

Во 1938 година станал соработник на списанието „Подмладок“ од Крагуевац. Тој е еден од првите осум автори, чии текстови се објавени во ова списание на 24 страници. На само 17 годишна возраст, поседувал вештини за пишување, па неговите текстови биле објавени со името Борислав Телевиќ. 

Го применил дијалектичко – материјалистичкиот пристап, во текстот „Влијанието на географските фактори врз формирање на културата“, што како дописник од Битола, го пратил за ова списание во Крагуевац.

Исполнувајќи ги желбите и плановите на своите родители, едукацијата ја продолжил во Белград, во 1939 година, како студент на Медицински факултет.

Во овој период во подем било револуционерното движење, а тој со авангардни слободарски, револуционерни идеи како млад човек, кој доаѓа од поробен народ, веднаш се приклучил. И не останал незабележан, иако немал желба да се истакнува. Неговата храброст, одлучност, ораторски вештини и развиено чувство за правата на колективитетот, биле особините кои му го отвориле патот за да стане член на Комунистичката партија на Југославија. Бил ангажиран да раководи со групи за теоретско образование! Бил учесник во сите демонстрации што се организирале во Белград. Се истакнувал со своите организациски способности.

За време на зимските и летни одмори, држел комунистички и работни состаноци и курсеви во Прилеп, пишувал летоци против власта, против окупаторот.

Бил учесник во Големата илинденска демонстрација што во 1940 година се одржала во Прилеп. Пред собраниот народ Борка Талески прв зборувал за независноста и самобитноста  на македонскиот народ и македонската држава, презентирајќи ги своите познавања за илинденскиот период. Ова било причина да биде уапсен од властите и држан во затвор во Белград, а потоа во логорот Ивањица, неколку месеци.

Потоа се вратил во Прилеп, во својство на член на месниот комитет на Комунистичката партија. Неговото дејствување секогаш било будно мониторирано од бугарските полициски служби.

На 22 јуни 1941 година на состанок на месниот комитет на партијата во Прилеп, Борка Талески зборувал за војната, односно судирот, помеѓу Хитлер и Сталин, изнесувајќи оценки дека советската победа е неизбежна. Истата вечер се договориле месниот комитет да се сретне во проширен состав во месноста „Шарена чешма“ во Прилеп, во куќата кај извесен Бале. Борка Талески за овој состанок напишал голем реферат во којшто ги пренесувал своите слободарски идеи. Веднаш потоа се интензивирале, подготовките за вооружена борба.

А, на Петровден,  Прилеп осамнал со летоци, чија содржина била напишана претежно од Борка Талески. Полицијата ја алармирала потрагата за апсење на Борка Талески. Но, овој пат безуспешно.

Наскоро Талески станал член на Бирото на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија во Скопје.

Од 9 до 19 октомври бил меѓу партизаните, по планините, околу Прилеп, во период кога е извршен нападот на Прилеп на 11 октомври 1941 година.

Во 1942 година повторно оперирал во Прилеп. Подоцна истата година бил испратен на задачи во Кавадарци каде станал близок соработник со Лазо Филипоски – Лавски, кој потекнува од с. Мрзинци.

Двајцата оперирале според плановите на Организацијата. На 2 март 1942 година движејќи се на патот Прилеп – Кавадарци, во густа магла останале заглавени во правецот што водел кон врвот на Козјак.

Ги наслушнале камионите што доаѓаат. На почетокот верувале дека се германски возила. Но, ги предал тогашниот кмет на селото Царевиќ, како што стои во полицискиот извештај за ова убиство.

Талески и Лавски биле опколени од окупаторските сили и биле свирепо разрешетени. Умреле на местото на настанот.

На 20 март 1942 година, во полицискиот билтен било објавено дека предавството го извршил тогашниот кмет од селото Царевиќ.

На 11 октомври 1951 година Борка Талески, постхумно е прогласен за народен херој на Југославија од Македонија.

Вечна слава на нашиот патрон!

Вечна слава на Борка Талески, на Лазо Филипоски – Лавски, на сите народни херои и знајни и незнајни јунаци, храбри борци кои што загинаа за денешната слобода.

Најмалку што можеме да направиме е да ја зачуваме и на основи на чесност, правдољубие, демократија, со борба против криминалот и беззаконието да продолжиме да ја градиме нашата држава.

Никогаш да не дозволиме, да го спречуваме одлевањето на националното и народно богатство на приватни сметки. Овие наши сограѓани загинаа за идеите за демократија и еднаквост за сите.

На 82 годишнината од убиството на патронот, да им оддаме почит на сите борци од Илинден преку НОБ, до жртвите на Карпалак.

Слава и почит за сите!

директор

Моника Талеска