Околу 1100 книги со 150 наслови е донацијата на компанијата „ВИТАМИНКА“ за детскиот оддел во нашата Библиотека. Најголем дел од книгите се лектирни изданија,кои веднаш ќе бидат ефектуирани од нашите ученици. Но, на новата листа детска литература има и најнови бестселери од домашни и странски автори и енциклопедии.

Ова беше повод за денешното весело дружење со нашите читатели, учениците од сите основни училишта во општината, со нивни наставници во нашата Библиотека.
Веселата дружба на која што учениците се запознаа со најновите книги кои наскоро ќе бидат на полиците во детскиот оддел, ја посветивме на афирмацијата на македонскиот јазик и книжевност.
Учениците рецитираа песни од македонски автори.

Заедничката дружба ја збогатија учениците од основното музичко училиште „Ордан Михајлоски-Оцка“ со свои четири извонредни изведби.
Сите заедно другарувавме и уживавме, во музицирањето, во рецитациите, во македонското творештво.
Шефицата на секторот за маркетинг во „ВИТАМИНКА“, Симона Симоноска, го изрази задоволството, што оваа донација е наменета за децата и учениците. Таа го акцентираше значењето на процесот на градење читачка култура кај младите.
Дружбата ја продолживме разгледувајќи ја донацијата. „ВИТАМИНКА“ ги почести учениците со прекрасните вкусови од богатата палета производи!

Како установа, благодариме на сите училишта, т.е. нивните директори, наставници и на учениците за нивното учество во овој настан.
Најголема благодарност упатуваме до компанијата „ВИТАМИНКА“ која што во рамките на својата стратегија за општествена одговорност, одлучи да донира во нашата установа.
Денеска сите заедно покажавме како се шири љубовта во заедницата: кон книгата, кон литературата, македонското творештво, македонскиот јазик… како се соработува, гради меѓусебна почит, како се вложува во нашата иднина- во најмладите, децата и учениците кои едвај чекаат да ги зајмат новите книги.

На крајот, но со посебна почит се заблагодаруваме на поддршката на градоначалникот Борче Јовчески, при реализацијата на оваа донација.
Животот во заедницата добива секогаш нова, уште поубава димензија, кога енергијата и конструктивната мисла се насочуваат кон децата, учениците, кон младите, кон иднината на нашето општество!






































